Паѓа цената на половните автомобили во Германија, Македонија до рекорден увоз

Просечната цена на користен автомобил во Германија во септември оваа година падна за околу 300 евра, односно на 26.487 евра, што е најниско ниво од јануари 2022 година, кога просекот беше 26.252 евра, покажуваат податоците на AutoScout24.

Минатата година цените на половните автомобили на германскиот пазар се намалени за повеќе од пет отсто, односно за 1397 евра, пренесува ТВ21. Од март 2023 година, кога цените го достигнаа својот врв, тие паднаа за повеќе од девет проценти.

И покрај овој пад, цените на половните возила сè уште се за 27 отсто повисоки отколку во јануари 2020 година, пред почетокот на пандемијата, пишува Блумберг.

Месечно во Македонија се увезуваат над 3000 половни возила

Познато е дека Германија е еден од главните пазари од кои се увезуваат половни автомобили во Македонија и ваквите трендови очигледно влијаат на зголемувањето на побарувачката и кај нас, што најдобро го покажуваат податоците на Царинската управа. Според тоа, од јануари до септември годинава во Македонија се увезени вкупно 29.768 половни патнички автомобили или во просек над 3.000 половни автомобили месечно.

Доколку увозот продолжи со исто темпо во последните три месеци од годината, Македонија е на пат да достигне рекорд во увоз на половни автомобили во 2024 година.

Инаку, статистиката истакнува дека во Македонија континуирано се увезуваат повеќе користени отколку нови, што резултира со зголемување на возниот парк во земјава, односно од 121,1 автомобил на 1000 жители во 2007 година, на 302,8 автомобили на 1000 жители година.