Војната во Украина е најголемата закана за мирот и за европската безбедност, чијшто исход ќе влијае врз поредокот, не само на нашиот континент, туку и во меѓународните односи низ годините што доаѓаат. Војна којашто ќе покаже дали годините на демократски развој во Европа, по крајот на Студената војна, се залудно потрошени за реализација на една апстрактна идеја или, пак, демократијата сè уште е жилава и доволно силна да покаже отпорност кон ретроградните и авторитарни режими и предизвиците коишто тие ги создаваат, истакна денеска претседателот Стево Пендаровски на конференцијата „Украина – две години хероизам“ во организација на Амбасадата на Украина, во соработка со ЦИВИЛ – Центар за слобода.
Пендаровски истакна дека оваа војна ќе покаже дали примената на сила ќе стане основниот принцип којшто треба да ја одредува природата на односите меѓу државите и во ова столетие или ќе остане на сила она што е запишано во Повелбата на Обединетите нации дека земјите членки се рамноправни меѓу себе, независно дали се мали или големи.
– Евентуалниот триумф на овој ретрограден принцип, излезен од архивите на минатите векови, би бил рецепт за трајна нестабилност во светот и враќање во едно не толку далечно минато кога геополитичките игри и интереси на големите беа далеку посилни од слободната волја на народите, рече шефот на државата.
Поради ова, додека Пендаровски, влогот на сиот демократски свет е огромен, а консеквенците од одбранбената војна којашто Украина денес ја води ги надминува нејзините граници.
Минатата година, на овој ист ден, рече тој, посакавме никогаш повеќе да не се собираме за да ги одбележуваме годините на борбата за слобода на Украина, туку да го прославиме ослободувањето од рускиот окупатор и хероизмот на украинскиот народ.
-За жал, денес, бруталната агресија врз оваа наша пријателска држава од страна на режимот на Путин навлегува во третата година, а загубите во човечки животи, страдањата на милиони луѓе низ целата земја, девастирачките последици и разрушувањата не се намалуваат, додаде Пендаровски.
За овие две години, како што кажа, сме сведоци на сета нечовечност на еден режим отсечен од реалноста, кој како да е излезен од најтемните времиња на европската историја од минатиот век, во целосен расчекор со реалноста на 21 век.
-Таа персонална диктатура се обидува, не само да наметне ревизија на историјата, туку и да ги промени границите во Европа, во спротивност на сите меѓународно-правни договори коишто ги гарантираат мирот, стабилноста и безбедноста на континентот по крајот на Втората светска војна, рече претседателот.
Истиот тој режим, како што кажа, којшто ги гази правдата и човечкото достоинство и во сопствената држава, којшто секојдневно ги прогонува, затвора и убива своите опоненти, се обидува да наметне визија за светот во кој деспотите, слични на нив, ќе бидат во позиција да ја одредуваат судбината на сегашните и на идните генерации.
– На патот на тие обиди, проследени со невидена бруталност, на првата линија на отпорот, веќе десетина години, стои херојскиот украински народ поднесувајќи огромна жртва и покажувајќи истрајност и постојана верба дека доброто може да го победи злото. Затоа, војната за слобода којашто Украина ја води денес е за праведна кауза, во името на сиот демократски и цивилизиран свет, којшто мора да продолжи да помага сè до целосно ослободување на Украина, просто затоа што во таа борба, сите ние, немаме право на пораз, потенцира Пендаровски.
Ние, додаде тој, уште од првиот ден на агресијата се солидаризиравме и сочувствувавме со страдањата на милионите Украинци и бевме меѓу првите земји, коишто понуди воена, техничка и хуманитарна помош, којашот гласно се спротивстави на погазувањето на независноста, територијалниот интегритет и суверенитетот на Украина.
-Нашата позиција не е променета и две години од почетокот на агресијата. Заедно со сојузниците во НАТО Алијансата постојано вложуваме напори, помошта за Украина, којашто ѝ е повеќе од потребна, да не се одлага заради внатрешнополитичката динамика во државите сојузнички, рече Пендаровски.
Според него, успесите на Украина денес не зависат само од волјата и од потенцијалите на украинската армија, туку и од финансиската, логистичката и, пред сè, воената помош којашто таа мора да ја добива. Секоја поинаква калкулација во овој контекст, ќе доведе до уште поголеми страдања, разрушувања во Украина и неизвесност за сите нас, смета Пендаровски.
Во говорот на конференцијата тој информираше дека за два дена од денес, во Тирана, ќе учествува на самитот „Украина – Југоисточна Европа“, каде што заедно со неговите колеги ќе се сретне со претседателот на Украина Володимир Зеленски. Целта е да се реафирмираме нашата јасна позиција за продолжување на помошта за Украина, поддршка за процесот на обнова на разрушените делови и за носење пред лицето на правдата на сите одговорни за ужасните злосторства со што ќе им дадеме барем малку утеха на најблиските на жртвите.
-Со други зборови, ќе покажеме целосна поддршка за Украина слободно да го избере патот по кој ќе чекори во иднина. Ако тој пат вклучува волја и подготвеност за интегрирање на земјата и во ЕУ и во НАТО, тогаш ние мораме да дадеме поддршка на украинскиот избор, рече тој.
Ова, според Пендаровски, се клучни предуслови без коишто не е можно решавање на конфликтот и постигнување траен мир и помирување кога за тоа ќе бидат создадени услови.
-Потребно е ова да го истакнуваме во секоја прилика затоа што е евидентно, од ден на ден, дека не е мал бројот на тие коишто мислат дека со евентуалните промени на власта во неколку клучни демократски држави и организации во текот на оваа година, Украина ќе биде соочена со изборот да ги отстапи окупираните територии, во замена за мир, демилитаризација и воена неутралност, рече шефот на државата.
Ваквиот исход, вели тој, би бил спротивен на волјата на украинскиот народ и ќе значи легитимирање на агресијата и сите злосторства извршени изминатите години.
-Најдобар доказ дека станува збор за сосема погрешни анализи е анексијата на Крим којашто се случи пред десет години и којашто поради отсуството на реакција на демократскиот свет, не го спречи натамошниот конфликт, туку само ја охрабри Москва, истото агресивно сценарио да го спроведе и на истокот на Украина неколку години подоцна, рече Пендаровски.
Затоа, во пресрет на последниот развој на ситуацијата на военото поле и повлекувањето на украинската армија од градот Авдеевка во источниот дел на државата, потенцира претседателот Пендаровски, единствено сплотеноста на демократскиот свет и робусната поддршка за украинските вооружени сили би можела да ги спречи натамошните руски пробиви, но и да овозможи враќање на териториите сè до границите на државата коишто беа меѓународно признаени по распадот на Советскиот Сојуз.
-Имајќи го ова предвид, неодамна донесената одлука на Советот на ЕУ за помош во износ од 50 милијарди евра и најавата дека американскиот Конгрес би можел да ја премости политичката блокада и да ја откочи помошта за Украина од околу 90 милијарди долари, се вистинскиот начин на кој треба да се дејствува во иднина. Во овој контекст, зборовите на американскиот државен секретар, дека ако Украина престане да се бори, ќе престане да постои, но ако Русија престане да напаѓа, ќе престане војната, најдобро ја опишуваат денешната ситуација и изборот со кој е соочен украинскиот народ, којшто се бори за својата татковина и за својата иднина, рече Пендаровски.
Во таа борба, посочи тој, ние ќе продолжиме да бидеме на вистинската страна сè додека не настапи мирот којшто ќе биде по волја на украински народ и којшто ќе обезбеди долгорочна стабилност и просперитет не само на Украина, туку и на европскиот континент.
Украинската амбасадорка во државава Лариса Дир, пак, рече дека оваа војна не е војна само против Украина, туку и протов демократскиот свет и НАТО.
Меѓу говорниците на конференцијата се и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи, како дипломатски претставници во државава.