Многу луѓе веруваат дека земањето дневен додаток во исхраната е лесен начин за подобрување на здравјето, но не сите додатоци во исхраната се создадени еднакви. Иако витамините и минералите можат да го поддржат телото на повеќе начини, некои можат да предизвикаат дигестивни проблеми – од надуеност и непријатност до нарушување на рамнотежата на цревните бактерии. Експертите предупредуваат дека одредени додатоци во исхраната можат да направат повеќе штета отколку корист ако се земаат во прекумерни количини или непотребно.
1. Додатоци на железо
Високите дози на железо можат да го иритираат дигестивниот систем и да предизвикаат несакани ефекти како што се запек, гадење и болки во стомакот. Иако железото е важно, д-р Мајкл О. Мекини објаснува дека „големите количини можат да ја променат цревната флора и да го поттикнат растот на штетните бактерии, што доведува до надуеност, запек и воспаление“, пишува SheFinds.
2. Додатоци на магнезиум
Магнезиумот, особено во повисоки дози или во форма на магнезиум оксид, може да предизвика дигестивни проблеми како што се дијареја, грчеви и надуеност. Д-р Кубањиќ Такирбашев предупредува: „Прекумерниот внес на магнезиум може да дејствува како лаксатив, предизвикувајќи дијареја и нарушувајќи ја природната рамнотежа на цревната флора“.
3. Калциум карбонат
Додатоците на калциум често се користат за здравјето на коските, но во форма на калциум карбонат, тие можат да предизвикаат запек, гасови и надуеност. Според д-р Мекини, „Калциумот е неопходен за развој на коските, но калциум карбонатот може да ја наруши рамнотежата во цревата бидејќи е помалку растворлив и потежок за варење“.
4. Антиоксиданси во високи дози
Антиоксидансите се корисни во умерени количини, но претерувањето може да ја наруши деликатната рамнотежа во телото. Лекарот д-р Кевин Хафман истакнува: „Додатоци во исхраната со високи дози на бета-каротен и витамин Е можат да ја нарушат рамнотежата на цревните бактерии. Студиите покажаа дека бета-каротенот може да го зголеми ризикот од рак на белите дробови кај пушачите, а витаминот Е во високи дози го зголемува ризикот од крварење.“
5. Пребиотици
Иако пребиотиците можат да бидат корисни за здравјето на цревата, премногу може да има спротивен ефект. Тие ги хранат корисните бактерии во цревата, но земањето премногу може да предизвика прекумерна ферментација, надуеност и гасови.
,,Луѓето со синдром на иритабилно црево (IBS) треба да бидат претпазливи, бидејќи пребиотиците можат да ги влошат симптомите на надуеност и непријатност“, заклучи д-р Хафман.