Судијата ја пресметал минималната месечна плата на професионална собарка за четврт век колку што парот бил во брак
Шпанскиот суд нареди бизнисменот да и плати на поранешната сопруга 204.000 евра како отштета за 25 години неплатени домашни работи. Според пресудата објавена во вторникот во Малага, тој покрај отштета мора да и плаќа ензија на поранешната сопруга Ивана Морал (48) месечно по 500 евра и на двете ќерки 400 и 600 евра, пренесува iNews.
Во рекордниот случај за развод, судијката Лаура Руиз Аламинос стигна до бројката од 204.000 евра со пресметување на минималната месечна плата на професионална собарка за четврт век во кој парот бил во брак.
- Јасно е дека се работи за злоупотреба и прекин на сите мои приходи по разводот. По разводот, јас и моите ќерки останавме без се. Со години го вложив своето време, енергија и љубов во семејството, го поддржував сопругот во работата, и моите деца и мајка и татко. Никогаш немав право на сопствени финансии, се беше на име на мојот сопруг, изјави Морал.
Двојката се венчаше во 1995 година, но во 2020 година Морал поднесе барање за развод. За време на бракот, нејзиниот сопруг изгради успешен бизнис со теретана што му овозможи да купи Порше Кајен, Ренџ Ровер 4×4, мотор БМВ и фарма со маслиново масло од 70 хектари, чија вредност беше проценета на 4 милиони евра.
Кога неговата постара ќерка наполнила 16 години, тој одбил да плати за нејзиното продолжување на образованието, поради што таа морала да почне да работи за да ги плати студиите. Морал потпишала предбрачен договор со кој нејзиниот сопруг обезбедил задржување на стекнатото богатство и поделба на заедничкиот имот. По бараниот развод добила половина од куќата и ништо повеќе.
- Оваа пресуда ја претставува работата на сите жени во сенка кои претставуваат поддршка во личниот, брачниот и семејниот живот во текот на повеќе години за да може сопругот да ја развие својата професионална кариера и да го зголеми богатството. За да може да ја гради кариерата, таа остана дома да се грижи за децата, а подоцна никој не и помогна, изјави адвокатката Марта Фуентес.
Морал се надева дека нејзиниот случај ќе инспирира други жени. Нејзиниот поранешен сопруг не и понудил пари, туку едноставно сакал да им ги подели домот и имотот. Се очекува тој да поднесе жалба на пресудата.