Попладнето, играчите на Барселона организираа голема прослава на шампионскиот трофеј на улиците на овој каталонски град, а во фокусот од првата минута беше сензационалниот 17-годишен Ламине Јамал.
Барселона синоќа го освои третиот трофеј од вкупно три можни во шпанскиот фудбал оваа сезона, бидејќи по Суперкупот и Купот, ја освоија и титулата шампион на Шпанија.
Секако, најважниот од сите споменати трофеи бара и најадекватна прослава, па затоа Барселона за вечерва закажа парада со шампионскиот автобус. Покрај трофејот од Ла Лига, кај играчите на Барселона циркулираат и преостанатите два трофеи.
Илјадници навивачи на каталонскиот клуб пристигнаа на улиците на Барселона за да ги поздрават своите херои, а фокусот беше на најмладиот херој на клубот – Ламине Јамал.
Фоторепортерите на „Марка“ забележаа една симпатична сцена, која се случи кога Јамал го препозна својот братучед во толпата навивачи. Неговото расположение веднаш се подобри и на неговото лице можеше да се види дека беше пресреќен што виде познато лице.
Станува збор за неговиот братучед Мохамед Абде. Реакцијата на Ламин, кој во тој момент мирно уживаше во лижавче, е типична за обичен 17-годишник, што всушност и е.
Интересна сцена се случи и кога работниците, кои работат на реновирањето на Камп Ноу, почнаа да слават со играчите кои нетрпеливо чекаат да се вратат на својот стадион.
Секако, вниманието го привлече и искусниот голман Војчех Шчесни, кој дури и во шампионската парада во автобусот не ја пропушти можноста да „ужива“ во тутунот, што е неговиот најголем порок во текот на целата кариера.