Бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва изјави дека е подготвен да воведе реципрочни царини за САД и дека неговата земја би можела да преземе низа мерки како одговор на царините за увоз од 50 проценти што ги објави американскиот претседател Доналд Трамп во среда.
„Можеме да се обратиме до Светската трговска организација, да предложиме меѓународни истраги, да побараме објаснувања“, рече Лула, како што објави Ројтерс.
Сепак, според него, „главната работа е Законот за реципроцитет усвоен од (бразилскиот) Конгрес“.
„Ако тој ни наплати 50 проценти, ние ќе му наплатиме (нему) (на Трамп) 50 проценти“, објасни бразилскиот претседател.
Кабинетот на Лула претходно објави дека бразилската влада ќе формира работна група која ќе одлучи како да одговори на најавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе воведе данок од 50 проценти на увозот на бразилска стока од 1 август, пренесува Ројтерс.
Трамп ја донесе оваа одлука во писмо, објавено на социјалната мрежа Truth Social, упатено до претседателот на Бразил Луиз Инасио Лула да Силва, во кое наведува дека новата тарифа ќе биде воведена „независно од постојните секторски тарифи“.
Во истата порака, американскиот претседател ја изрази својата поддршка за поранешниот претседател на Бразил, Жаир Болсонаро, нагласувајќи дека начинот на кој Бразил се однесува кон него е „меѓународен срам“, додавајќи дека таканаречениот „лов на вештерки треба веднаш да престане“.
Трамп постојано ги критикуваше земјите-членки на групата БРИКС, во која Бразил игра значајна улога, обвинувајќи ги за економски политики кои, според него, го нарушуваат балансот на глобалната трговија на штета на Соединетите Американски Држави.