ПОРАКА КОЈА ГО ПОТРЕСУВА БЛИСКИОТ ИСТОК Шеикот од Катар се огласи и упати остри зборови до Израел

Емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад Ал Тани, денес изјави дека израелскиот напад врз главниот град на Катар е „очигледен, подмолен и кукавички чин“, предупредувајќи на експанзионистичката визија на Израел во арапскиот регион и велејќи дека Катар ќе преземе сите потребни мерки за да го зачува својот суверенитет и да одговори на израелската агресија.

„Главниот град на мојата земја беше цел на подмолен напад врз резиденцијата каде што престојуваа семејствата на лидерите на Хамас и членовите на нивната преговарачка делегација“, рече шеикот Тамим на самитот на Арапската лига и Организацијата за исламска соработка (ОИК), пренесува Ал Џезира.

Емирот на Катар, исто така, рече дека постапките на Израел покажуваат недостаток на вистинска посветеност на мирот и го обвини Израел дека се обидува да ги „спречи преговорите“ за прекин на конфликтот во Газа, во кој, според извештаите, досега загинале повеќе од 64.800 Палестинци.

„Оној кој систематски ја таргетира преговарачката страна, работи на поткопување на самите преговори“, рече шеикот Тамим.

Тој додаде дека нападот на Израел врз Газа се претворил во војна на истребување, наведувајќи дека целта е Газа да се направи ненаселлива како претходница за раселување на нејзиното население.

Нападот врз Доха беше осуден и од членовите на Советот за безбедност на Обединетите нации, вклучувајќи ги и САД.

Катар му соопшти на Советот за безбедност дека нема да толерира понатамошни кршења на нејзината безбедност и суверенитет.

Премиерот на Катар, шеикот Мохамед бин Абдулрахман бин Џасим Ал Тани, изјави дека „Израел го дестабилизира регионот со своите постапки“.

Емирот на Катар оцени дека Нетанјаху негува опасна илузија дека арапскиот регион може да стане „израелска сфера на влијание“.