Потег што дополнително ќе ги разбесни Русите: Азербејџан најавува тужба поради падот на патничкиот авион

Азербејџан подготвува документи за поднесување меѓународна тужба против Русија поради падот на патничкиот авион на „Азербејџан ерлајнс“ во близина на казахстанскиот град Актау минатиот декември, изјави азербејџанскиот претседател Илхам Алиев.„Генералниот обвинител на Азербејџан испраќа барања до шефот на Рускиот истражен комитет, но ние добиваме само порака „истрагата е во тек“. Овој став е контрапродуктивен. Азербејџан има намера да достави документи до меѓународните судови“, рече Алиев на медиумскиот форум во земјата.

Алиев изјави дека истрагата за падот на малезискиот „Боинг“ траела повеќе од десет години и дека Баку е подготвен да чека колку што е потребно.

Тој додаде дека Азербејџан инсистира на исплатата на отштета на семејствата на загинатите и повредените во авионската несреќа.

Авионот со 62 патници и пет члена на екипажот, кој леташе од Баку до Грозни, се урна на 25 декември во близина на градот Актау во западниот дел на Казахстан.

Министерството за вонредни ситуации на Казахстан соопшти дека 29 лица ја преживеале авионската несреќа.

Црните кутии на авионот беа испратени во Бразил, матичната земја на „Ембраер“, за да бидат декодирани за да се одржи непристрасноста.