По позитивниот одговор на палестинската група Хамас на документот за прекин на огнот во Газа предложен од САД, соопштение даде и американскиот претседател Доналд Трамп.
Во неколку пораки на социјалната мрежа Truth Social, тој првично сподели писмо што го добил од палестинската организација, во кое се наведува дека се подготвени за договор за ослободување на заложниците, како и за предавање на власта во Газа.
Набрзо, 79-годишникот повторно реагираше на социјалните мрежи и, покрај статус и видео порака, зборуваше за мирот во Газа.
„Врз основа на соопштението објавено од Хамас, верувам дека тие се подготвени за траен мир. Израел мора веднаш да престане со бомбардирањето на Газа за да можеме безбедно и брзо да ги спасиме заложниците! Во моментов е премногу опасно да се стори тоа. Веќе разговараме за деталите што треба да се разработат. Не станува збор само за Газа, туку и за долгоочекуваниот мир на Блискиот Исток“, изјави американскиот лидер.
Трамп, исто така, рече дека ова е голем ден за Блискиот Исток.
„Треба да донесеме конкретна и конечна одлука“, додаде тој, признавајќи дека сè уште треба да се водат понатамошни преговори.
Движењето Хамас го објави својот официјален одговор на крајот на војната во Газа во петокот вечерта, неколку часа откако издаде ултиматум мировниот план да биде прифатен до недела во 18:00 часот по време во Вашингтон, или ќе следи „пекол каков што светот никогаш не го видел“.
Во соопштението, Хамас објави дека, по обемни консултации со своето раководство, палестинските фракции, медијаторите и „пријателските држави“, одлучил позитивно да одговори на клучните точки од предлогот.
Движењето нагласи дека ги цени напорите на меѓународната заедница, вклучително и иницијативата на претседателот Трамп, насочена кон прекин на војната, размена на затвореници, итно дозволување хуманитарна помош, прекин на окупацијата и запирање на раселувањето на палестинскиот народ.
„Хамас, во овој контекст и со цел постигнување на целосен прекин на огнот и повлекување на израелските сили од Газа, објавува дека се согласува да ги ослободи сите израелски заложници, и живи и мртви, во согласност со размената предвидена во планот на Трамп, под услов да се обезбедат услови на терен за спроведување на овој процес“, се вели во текстот.
President Donald J. Trump shares a powerful message in response to Hamas’ statement regarding his peace plan:
— The White House (@WhiteHouse) October 3, 2025
“Very importantly, I look forward to having the hostages come home.” pic.twitter.com/RZArVNcXc9