– Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и претседателот на Куба, Мигел Диас-Канела Бермудес, денес оценија дека односите меѓу двете земји се одлични на политичко ниво, но дека е можно да се унапредат во областа на здравството, земјоделството, стопанството, културата и спортот.
„Може да размислиме за тоа какви сè проекти можеме да развиеме заедно. Тука сме да пренесеме дека сакаме врските меѓу нашите две влади да бидат посилни и да ја зајакнеме соработката на сите полиња“, рече Бермудес.
Вучиќ истакна дека трговската размена мора да биде многу поголема и дека предложил да се реафирмира мешовит комитет за што повеќе да се развие соработката.
Тој додаде дека Србија во земјоделството е самодоволна, дека има вишок и дека ќе види како може да се овозможи извоз на храна во Куба. Вучиќ посочи и дека постојат можности за соработка во биотехнологијата и соработка во научноиновативни проекти.
Вучиќ и Бермудес го истакнаа значењето на меѓусебната поддршка на двете земји на меѓународната сцена.
Бермудес рече дека Куба се соочува со невидени блокади и санкции од страна на САД и истакна дека Србија секогаш ѝ помага на Куба, додека Вучиќ рече дека Србија ниеднаш не пропуштила да гласа за ублажување на економската блокада на Куба.
Српскиот претседател нагласи дека кубанскиот народ е братски народ на Србите и дека е особено благодарен за поддршката на Куба за територијалниот интегритет на Србија.
„Со нив имавме голема поддршка во латиноамериканските и карипските земји. Тие секогаш беа од помош кога станува збор за територијалниот интегритет. Секогаш можевме да сметаме на нив. Тие може да сметаат на пријателството на овој народ“, порача Вучиќ.