Принцезата од Велс и сопруга на принцот Вилијам, Кејт, предупреди дека прекумерната употреба на паметни телефони и компјутери создава „епидемија на разделба“ што влијае на семејниот живот, објавија денес британските медиуми.
– Иако дигиталните уреди треба да нè поврзат, тие често постигнуваат токму спротивното – напиша принцезата во есеј што го напиша во соработка со професор од Медицинскиот факултет Харвард, Роберт Валдингер, објави Би-Би-Си.
Таа додаде дека паметните телефони и другите уреди постојано нè одвлекуваат вниманието и го расипуваат времето што семејството го поминува заедно.
– Физички сме присутни, но ментално отсутни и не сме во можност целосно да се посветиме на комуникација со луѓето пред нас – напиша принцезата.
Како што наведе таа, истражувањата ја покажуваат важноста на создавањето срдечни и здрави односи меѓу семејствата и луѓето, но социјалниот тренд оди во спротивна насока, така што има сè повеќе осамени и изолирани поединци, а членовите на семејството не си посветуваат соодветно внимание едни на други.
Кејт предупреди дека овој проблем е особено акутен за денешните деца кои живеат во свет консумиран од дигиталната технологија. Во есеј објавен на веб-страницата на Центарот за рано детство на Кралската фондација, таа наведе дека децата треба да бидат охрабрени да развиваат социјални и емоционални вештини што ќе им помагаат во текот на целиот живот.
Нејзиниот сопруг, принцот Вилијам, неодамна изјави дека ниту едно од нивните три деца не поседува паметен телефон.