Примирјето меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас пропадна претходниот ден бидејќи Хамас наводно одбил да ослободи 10 заложници и наместо тоа се обидел да ослободи киднапирани од „други категории“, пишува Times of Israel.
Така, Хамас, наводно, ги прекршил условите од договорот за прекин на огнот, според кој групата прво требаше да ги ослободи сите жени и деца што ги држи во Појасот Газа, во замена Израел да се согласи на четиридневно примирје.
И покрај тоа што воздушните напади продолжија рано наутро во петокот по еднонеделниот прекин на огнот, разговорите сè уште се во тек во позадина со надеж дека привременото затишје во борбите ќе биде дополнително продолжено.
Здравствените власти во Појасот Газа, кои се раководени од Хамас, соопштија дека 178 луѓе се убиени во израелските напади од претходниот ден по прекинот на огнот.
Повеќето од нив се „деца и жени“, се вели во соопштението на здравствените власти. Тие додаваат дека во текот на денот биле евидентирани 589 повреди.
Израелската Армија соопшти дека од утринава, откако Хамас го прекрши примирјето, извршила воздушни напади на околу 200 цели низ Појасот Газа.
Мета биле и неколку цели во Кан Јунис и Рафах, на југот на палестинската енклава, пишува Times of Israel.
Израелската Армија соопшти дека копнените трупи истовремено уништиле структури кои биле минирани, тунели, како и локации за лансирање ракети и друга инфраструктура на Хамас.
Израел информираше неколку арапски земји дека сака да воспостави тампон зона на палестинската страна на границата со Појасот Газа за да спречи понатамошни напади како дел од предлозите за иднината на палестинската енклава кога ќе заврши војната, велат египетски и регионални извори.