На Пекинг му одговара слабоста на Русија поради војната во Украина
Со повеќе од два милиони активни војници, Кина веќе ја има најсилната војска во светот, а од 2010 година, воените трошоци на Кина се зголемија за 176 отсто, на 277 милијарди евра во 2021 година.
Сега експертите стравуваат дека кинескиот претседател Си Џинпинг (69) би можел да склучи “сојуз на стравот” со неговиот руски колега Владимир Путин (70) со цел конечно да ја направи Кина светска сила.
Слабоста на Русија како резултат на војната во Украина му помага на Пекинг, оценува германски БИЛД.
– Кина има значителна корист од руската војна затоа што тргува со Русија во своја корист – изјави за германскиот весник Јакуб Јанда, експерт за Кина и Русија од Центарот за безбедносна политика – европски вредности во Прага.
За да ги ублажи ефектите од западните санкции врз руската економија, Кина ја купува нафтата и гасот на Путин по смешни цени, ги полни своите воени каси со купување суровини како дрва и размислува за испораки на оружје.
Поради неговата зависност од добрата волја на Кина, “Путин се повеќе е изложен на ризик да стане пудлица на Си”, предупредува кинескиот експерт Јирген Матес од Германскиот економски институт во Келн. Дури и ако Си (се уште) не ја користи оваа моќ.
Ризикот од нова студена војна
Причината за тоа лежи во обидот на Кина и Русија заедно да создадат геополитички фронт против Западот, смета Матес, но напоменува дека тоа не е толку едноставно, со оглед на војната во Украина и бруталното руско однесување.
Затоа Кина сега се обидува, во однос на надворешната политика, да се позиционира како посредник на светската сцена, “за да не биде вовлечена во калта на кршење на суверенитетот и човековите права од страна на Русија” во Украина, објаснува тој на БИЛД.
За да ја ослабне Трансатлантската алијанса, Кина ќе забие клин во односите ЕУ-САД. Затоа Пекинг ја спроведува својата “офанзива на шарм” во Европа, градејќи го својот “нов пат на свилата”.
– Треба да се плашиме од нова студена војна – предупредува Матес.
Експертот Јакуб Јанда смета дека е потребна јасна реакција против Си и дека “западните демократии треба да ја санкционираат Кина поради материјалната поддршка на руската војна”.
Имено, “иако Москва и Пекинг се далеку од приклучување кон формален воен сојуз, нивните лидери се обединети во борбата против американската доминација”, изјави Александар Габујев од Карнеги Фондацијата за меѓународен мир.
Според овој експерт, воената соработка меѓу двете земји деновиве станува се поделикатна.
– Само помислете на обврската на Русија да ја поддржи Кина во поставувањето на систем за рано предупредување за ракети – предупредува тој.