Работните групи од ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН денеска продолжуваат со разговорите за идната Влада

ВМРО-ДПМНЕ и Влен Коалицијата треба да ги продолжат разговорите на ниво на работни групи за евентуално коалицирање во идната влада, откако викендов ги договорија општите принципи за соработка.

„Соработката ќе се заснова на три столба: европска интеграција, забрзан економски развој, борба против криминалот и корупцијата и владеење на правдата. Утврдено е дека двете страни ќе формираат работни групи каде што разговорите ќе продолжат до нивно финализирање“, информираа од ВМРО-ДПМНЕ по средбата што се одржа вчера во седиштето на ВЛЕН.

На средбата присуствуваше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со сопартијците и партиските лидери од партиите од Вленската коалиција, Арбен Таравари, Изет Меџити, Билал Касами и Африм Гаши.

Од коалицијата ВЛЕН по средбата оценија дека разговорите се одвиваат во позитивна и соодветна насока.

Според првите официјални резултати за парламентарните избори што ги објави ДИК, најмногу пратенички места освоила Коалицијата „Ваша Македонија“ на чело со ВМРО-ДПМНЕ, 58, а зад неа е Коалицијата „Европски фронт“ на чело со ДУИ со 19 пратенички места , Коалицијата за европска иднина на чело со СДСМ, 18, Коалицијата ВЛЕН, 13, додека Движењето „ЗНАМ“ за нашата Македонија и „Е Мајта“ од шест пратенички мандати.

За изборните резултати до ДИК се поднесени 27 приговори, девет од Коалицијата ВЛЕН, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица. Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски вчера на седницата на ДИК истакна дека станува збор за приговори во групи со повеќе вклучени избирачки места. Од Европскиот фронт предводен од ДУИ оценија дека до ДИК се поднесени приговори и од други политички партии за нерегуларности на избирачките места во ИЕ 5 и 6 и се настојува да се добијат два пратенички мандати.