Оставен во болница веднаш по раѓањето, без идентитет и без родители. Посвоен од домар, а ДНК тестот откри вистина што никогаш не сакал да ја дознае. Ова е неговата исповед.
Ален Мухиќ (32) од Горажде, Босна и Херцеговина, е роден 1993 година како несакано дете. Во текот на војната, војник ја силувал неговата мајка – Бошњачка. Таа го оставила во болница веднаш по породувањето, а Ален неодамна ја објави автобиографската книга „Јас сум Ален“, во која отворено сведочи за својот тежок, но достоинствен животен пат.
„Роден сум како дете на воено силување. Мајка ми ме остави во болница. Ме хранеа со трошки од кекси. Домарот ме посвои. Преживеав етикета ’четничко копиле‘. Снимен е филм за мене. Ја пронајдов мајка ми. И татко ми. Станав татко. Добив награда за човекови права“, вели Ален Мухиќ.
Денес, тој се претставува како глас на децата родени од воени трауми – оние кои општеството често ги игнорира, не ги признава и ги заборава.
Неговата биолошка мајка во почетокот се обидела да ја прекине бременоста, но тоа не било можно поради одминатата гестациска возраст. Подоцна изјавила дека имала порив да го задуши детето. По породувањето го оставила во болницата, каде што се сожалила врз него болничкиот домар. Почнал да го носи дома кај сопругата и ќерките, а на крајот и го посвоиле. Ален пораснал во муслиманска енклава, во сиромаштија и без основна инфраструктура, но опкружен со љубов и прифаќање од посвоителското семејство.
Аленовата приказна станала позната кога имал три години, благодарение на текстот на американскиот „Њузвик“, во кој новинарката Стејси Саливан пишувала за деца родени од силување за време на војната во БиХ. Таа тогаш ја пронашла неговата биолошка мајка, која изјавила дека не чувствува ништо ни за детето, ни за силувачот, за кого рекла дека ја „уништил неповратно“.
Неговото детство било тешко – не само поради сиромаштијата, туку и поради стигмата. Бил навредуван, нарекуван „четничко копиле“ и секојдневно се соочувал со отфрлање и предрасуди. Сепак, израснал со вистинска љубов од посвоителите. Вистината за потеклото ја дознал како дете, кога еден соученик во бес му дофрлил дека е „четничко копиле пронајдено покрај контејнер“.
„Тогаш се отвори Пандорината кутија“, раскажува тој. Вистината ја дознал на осум или девет години – возраст на неговиот најстар син денес. Таа реченица го погодила, но и го натерала да почне потрага по своите корени.
Ален открива дека првите месеци го хранеле болничари, а неговиот иден татко работел како домар во воената болница. Иако живееле без вода и греење, домарот и неговото семејство решиле да му дадат дом на дете родено од акт на брутално насилство. Неговите посвоени сестри отсекогаш го сметале за вистински брат, а Ален вели дека денес е „нивното огледало“.
Како возрасен, решил да го пронајде и биолошкиот татко – воен злосторник кој ја силувал мајка му. Тој средба била тешка. Татко му ги отворил вратите, негирал дека ја познава неговата мајка и тврдел дека тоа е „политичка приказна од БиХ“. Ален тогаш рекол дека не му требал ДНК тест – „очите не лажат“.
„За мене, тој е воен злосторник и тоа ќе остане засекогаш. Во моментот кога го видов, сфатив дека минатото не можам да го променам, но можам да ја обликувам својата иднина“, изјави Ален.
И покрај сè што преживеал, Ален никогаш не ја обвинил мајка му.
„Таа не е виновна. Вистинскиот злосторник е мојот татко. Тој мора да одговара за тоа што го направил.“
Денес, Ален Мухиќ е татко, борец за човекови права и симбол на победата на животот над насилството, омразата и неправдата. Неговиот глас потсетува дека децата родени од воени силувања постојат – и заслужуваат да бидат видени, признати и почитувани.