Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин денеска ги повика Турција и Унгарија да го ратификуваат влезот на Шведска во НАТО „што е можно поскоро“, поточно пред следниот самит на Алијансата на почетокот на јули, што ќе се одржи во Литванија.
-Ние брзаме наскоро да ја примиме Шведска како 32-та членка. И да бидеме јасни: брзаме да го оствариме тоа пред самитот во јули, рече Лојд Остин за време на посетата на шведската поморска база Муске, во близина на Стокхолм.
„Американската војска ги зајакнува поморските и воздушните мисии во Шведска за да ја покаже својата длабока поддршка“, изјави американскиот државен секретар по заканите на рускиот амбасадор во Стокхолм на почетокот на април.
Шведска и Финска заедно аплицираа за членство во НАТО минатата година по почетокот на руската инвазија на Украина, откажувајќи се од својот неутрален статус, а досега е примена само Финска, додека приемот на Шведска е блокиран пред се од Турција, но и од Унгарија.
Шведска и земјите од НАТО се надеваат дека ќе ги расчистат пречките пред самитот на Алијансата во Вилнус, Литванија, на почетокот на јули, но се чини дека тоа ќе биде тешко.
Аналитичарите сметаат дека многу ќе зависи од исходот на изборите во Турција на 14 мај, на кои претседателот Реџеп Таип Ердоган се кандидира за нов мандат.
Турција ја обвинува Шведска дека е засолниште за курдските „терористи“, како што таа ги нарекува, или за оние кои се непријателски настроени кон Анкара, и бара екстрадиција на десетици луѓе во Турција.