Првиот потпретседател на Иран Мухамед Реза Ареф изјави дека светот очекува идната американска влада на Доналд Трамп веднаш да ги запре израелските војни во Газа и Либан.
– Американската влада е главниот поддржувач на акциите на ционистичкиот режим (Израел) и светот го чека ветувањето на новата влада на таа земја веднаш да ги прекине војните против невиниот народ на Газа и Либан – рече Ареф на заедничкиот самит на Арапската лига и Организацијата за исламска соработка во Саудиска Арабија.
Тој, исто така, ги осуди неодамнешните израелски убиства на лидерите на палестинскиот Хамас и либанскиот Хезболах, нарекувајќи ги организиран тероризам.
Во септември, Израел ги уби долгогодишниот лидер на Хезболах Хасан Насрала и бригадниот генерал Абас Нилфорушан, висок ирански функционер, во воздушен напад во Бејрут.
Израелската армија во октомври објави дека го убила лидерот на Хамас Јахја Синвар, кого го смета за организатор на нападот врз Израел на 7 октомври.
– Операциите што беа конципирани со измамничката фраза на таргетирано убивање и при кои беа убиени палестинската елита и лидерите во другите земји од регионот, еден по еден, не се ништо друго туку организиран тероризам – рече Ареф, пренесоа новинарските агенции.
Позицијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е зајакната по победата на Трамп на претседателските избори во САД и може да доведе до интензивирање на војните, иако идниот американски претседател изјави дека сака брзо да стави крај на двата конфликти.