Кинеските власти во последните недели предложија Пекинг да биде домаќин на средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин, како и помош за мировните преговори за Украина, објави Волстрит журнал (ВСЈ), повикувајќи се на извори во Пекинг и Вашингтон.
Весникот наведува дека кинеските претставници преку посредници ги испратиле овие понуди до тимот на Трамп и не предвиделе учество на украинскиот претседател Володимир Зеленски во преговорите меѓу Трамп и Путин.
Белата куќа не потврди дали добила таква понуда од Кина, но во секој случај ја отфрли како „целосно неодржлива“.
Извори на WSJ рекоа дека предлогот на Пекинг да помогне да се постигне договор меѓу Русија и Украина конкретно го нагласува вклучувањето на Кина како „гарант“ со испраќање мировни сили во регионот.
Според весникот, предлогот на Кина бил дочекан со скептицизам во САД и Европа поради загриженоста за „сè поблиските врски“ меѓу Пекинг и Москва.
Повикувајќи се на извори запознаени со позицијата на Пекинг, весникот пишува дека кинескиот предлог не вклучува никакви обврски за Пекинг да ја намали наводната економска поддршка за Москва.
Трамп откри дека очекува да се сретне со Путин во Саудиска Арабија на мировни преговори за Украина по телефонскиот разговор меѓу двајцата лидери, пренесе Си-Би-Ес.
Зборувајќи за првиот потврден контакт меѓу двајцата лидери по враќањето на Трамп во Белата куќа, американскиот претседател во средата на новинарите во Белата куќа им рече дека имал „долг и многу продуктивен“ разговор со Путин.
Трамп на својата социјална мрежа Truth Social истакна дека најверојатно ќе се сретне со Путин за прв пат во Саудиска Арабија и дека очекува тоа да се случи „во не толку далечна иднина“.
Тој рече дека саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, кој одигра клучна улога во размената на затвореници меѓу Русија и САД оваа недела, исто така ќе биде вклучен во разговорите.
Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи Мао Нинг претходно изјави дека Пекинг не испратил оружје на ниту една страна во украинскиот конфликт.
Како одговор на обвинувањата од западните земји, кинеското Министерство за надворешни работи изјави дека има фер и објективно гледање на ситуацијата во Украина, како и дека се придржува до одговорен пристап кон извозот на оружје и стоки за двојна употреба во согласност со законите и прописите.