Светскиот спорт се тресе: 100.000 фудбалери ја тужат ФИФА!?

ФИФА се соочува со сериозен проблем, со оглед на тоа што ѝ се заканува тужба од дури 100.000 играчи.

Фондацијата за правда за играчите (JfP) поднесе колективна тужба во име на фудбалерите против ФИФА по пресудата на Судот на правдата на Европската унија (CJEU) во случајот на поранешниот ас на Реал Мадрид, Ласана Диара.

ФИФА сериозно го прекрши законот за конкуренција на ЕУ и правото на слободно движење на работници, спречувајќи го Диара еднострано да го раскине договорот со Локомотив Москва и да потпише за белгискиот тим Шарло.

Според пресудата на Европскиот суд на правдата, регулативите на ФИФА му отежнуваат на играчот да раскине договор за вработување без основана причина и ги кршат основните принципи на европското право – слободно движење на работници и фер конкуренција.

Недвосмислено наведувајќи дека правилата на ФИФА се нелегални и им предизвикале финансиски загуби на сите играчи, Судот на правдата на ЕУ ефикасно даде зелено светло во својата одлука за покренување колективна тужба против ФИФА и неколку национални асоцијации.

JfP ги претставува професионалните фудбалери кои играле или играат за клубови во земјите-членки на Европската Унија и Велика Британија, а кои биле негативно погодени од правилата на ФИФА од 2002 година до денес.

Според првичните проценки, околу 100.000 играчи биле погодени од контроверзните прописи.

Прелиминарната анализа на економистите од „Компас Лексекон“ покажа дека професионалните фудбалери заработувале околу 8% помалку во текот на нивните кариери отколку што би заработиле доколку правилата на ФИФА не биле рестриктивни.

„Сите професионални фудбалери изгубија значителен дел од своите приходи поради нелегалните правила на ФИФА. Нашата мисија е да ја вратиме правдата и да обезбедиме пофер систем каде што играчите имаат право слободно да одлучуваат за своите кариери, како и сите други работници“, изјави Лусија Мелхертс, претседателка на одборот на JfP.

Франко Балдини, поранешен фудбалер и спортски директор, исто така, зборуваше.

„Како некој што бил играч, агент и службено лице, од прва рака видов како ФИФА го користи својот монопол. Горд сум што сум дел од овој обид да се промени системот на подобро.“