Именувањето на Бојан Христовски за директор на Националната агенција за безбедност е незаконски бидејќи не ги исполнува условите предвидени со закон. Христовски не поседува меѓународно признат сертификат за познавање англиски јазик, но употребил фалсификувана исправа што е прекршување на законот и кривично дело кое носи одговорност, обвинуваат денеска од СДСМ.
„Наместо веднаш да го отпушти Мицкоски, тој по секоја цена ја брани оваа незаконска инсталација. Владата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ покажува дека за неа нема ниту право ниту правна држава.
Го повикуваме Јавното обвинителство да отвори постапка согласно своите овластувања. Повикуваме на транспарентна истрага која точно и непристрасно ќе утврди кој го овозможил тоа и кој е одговорен за скандалот.
Христовски не ги исполнува условите и треба да поднесе оставка од функцијата директор на НАБ и потоа да биде прогласен за одговорен за непочитување на законот“, велат од СДСМ.
Ова, додаваат оттаму, е еден од најсериозните скандали кој го засега безбедносниот систем кај нас и мора целосно да се расчисти.