СДСМ реагираше во врска со потерницата по Артан Грубин, како и за случајот против него од Обвинителството. Партијата на Венко Филипче покрена сомнеж дека бегството на Груби било договорено меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ.
Организацискиот секретар на СДСМ, Мартин Костовски, вчера нагласи дека МВР ќе треба да одговори како е можно Артан Груби да избега во Косово само еден ден пред акцијата, поточно на денот на акцијата.
„Според информациите со кои располагаме, МВР имала воспоставено полициска контрола на кружниот тек пред Блаце на денот кога Груби ја напуштил државата. Контролата била таму најмалку три дена пред настанот. Ова јасно покажува дека тие се сомневале дека Груби може да избега. Но, според нашите информации, самата полициска контрола, мобилната единица на МВР, не знаела кого да чека и кога да застане! Добиле информации дури откако Груби ја напуштил државата. Со ова јасно се потврдуваат две можни сценарија: или целосно не можеле да го спречат или второ и поверојатно, намерно не го спречиле“, рече Костовски од СДСМ.
Костовски додаде дека имало многу пропусти и има многу индиции дека зад овој случај се крие нешто друго или политички договор.
„Дали ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се договорија за овој случај и дали ова не е цената на поддршката што ДУИ ја даде на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието? Дали е ова дел од сите очигледно договорени сценарија меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за континуирани јавни напади и фиктивна дестабилизација, ситуација која политички им одговара на двете страни“, рече Костовски.