Секој трет во земјава размислува да се исели

Повисоки плати, подобри услови за живот и работа, кариера, подобри можности за децата – се само неколку од причините поради кои секој трет човек во Македонија размислува да се исели од државата, покажува последното истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Според него, 32,3% од анкетираните рекле дека размислуваат или некогаш размислувале да се иселат од државата додека 63,6% не размислувале на оваа тема.

Иако не се големи разликите, сепак изненадува фактот што за иселување најмногу размислуваат луѓето меѓу 40 и 49 години каде 42,5% рекле дека имале или се уште имаат планови да ја напуштат државата.

Слични бројки од 42,2% граѓани кои размислуваат да се иселат има и во возрасната група меѓу 30 и 39 години додека кај најмладите, оние кои имаат под 30 години 37,8% размислувале или размислуваат да се иселат од државата.

Споредбата со анкетите од претходните години кои за Детектор исто така ги спроведуваше ИПИС не покажуваат некои значителни промени во ставовите на граѓаните.