Во едно од кафулињата во Киев изби скандал поради песните на рускиот пејач Григориј Лепс, кој ја поддржува војната на Руската Федерација против Украина, јавува украинската агенција Униан.
– Во кафулето Дубровка во главниот град се пееја ,,путинистички” композиции, а девојката која се побуни поради тоа едноставно беше исфрлена – напиша Анатолиј Стефан, офицер на вооружените сили на Украина, на својот канал Телеграм, пренесува Униан.
Минатиот јуни, Врховната Рада го поддржа предлог-законот за ограничување на јавната употреба на музички производи на државата агресор.
Руската музика е забранета во украинските медиуми и јавниот простор. Забраната не важи за руските пејачи кои се најдоа на „белата листа“, а особено за изведувачите кои се спротивставија на руската агресија.
Григориј Лепс постојано ја забавувал политичката елита на Руската Федерација, а ги посетувал и фронтовите и ги поддржувал руските окупатори, наведува украинската агенција.