Советот за безбедност на Обединетите нации во вторникот ја одржа својата прва седница за вештачка интелигенција (ВИ), откако Велика Британија повика на меѓународен дијалог за неговото влијание врз глобалниот мир и безбедност.
Кинески претставник на седницата кажал дека технологијата не смее да стане „меч со две острици“, додека американските власти предупредуваат на можноста за користење на вештачката интелигенција како средство за цензура и репресија.
Министерот за надворешни работи на Велика Британија, Џејмс Клеверли, кој претседаваше со состанокот додека неговата земја претседава со Советот за безбедност на ОН од јули, вели дека – „вештачката интелигенција фундаментално ќе го промени секој аспект од човечкиот живот“, пренесува медиумската агенција Reuters.
„Итно треба да го обликуваме глобалното управување со вештачката интелигенција бидејќи вештачката интелигенција не познава граници“, предупредува Џејмс Клеверли откако кажа дека вештачката интелигенција може да помогне во справувањето со климатските промени и да ги зајакне економиите. Но, тој исто така предупреди дека технологијата поттикнува дезинформации и може да им помогне на државните и недржавните агенции лесно да ловат (пронајдат и купат) оружје.
Пред 15-члениот Совет за безбедност се обратија генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ко-основачот на стартапот за вештачка интелигенција Anthropic, Џек Кларк, како и професорот Зенг Џи од Кинеско-британскиот истражувачки центар за етика и управување со вештачка интелигенција.
Антонио Гутереш оценува дека и воената и цивилната употреба на вештачката интелигенција може да има сериозни последици за глобалниот мир и безбедност.
Тој ги поддржа предлозите на одредени земји за формирање ново тело во рамките на ОН кое ќе се занимава со управување со вештачката интелигенција.
Амбасадорот на Кина во ОН, Џанг Џун ја опишува вештачката интелигенција како „меч со две острици“, додавајќи дека Пекинг верува дека ОН треба да играат централна улога во координирањето на вештачката интелигенција и воспоставувањето на принципите на управување со технологијата.
Заменик-амбасадорот на САД во ОН, Џефри ДеЛаурентис, исто така, ја истакнува потребата од заеднички пристап до вештачката интелигенција и други напредни технологии во развој за да се спречат ризиците за човековите права кои се закануваат да ги поткопаат мирот и безбедноста.
„Ниту една земја-членка не треба да користи вештачка интелигенција за цензурирање, ограничување и репресирање на луѓето“, истакнува Џефри ДеЛаурентис.
Русија, од друга страна, се сомнева дали советот, кој е одговорен за одржување на меѓународниот мир и безбедност, треба да разговара за вештачката интелигенција.
„Ова прашање бара експертска дискусија која може да потрае со години, а оваа дискусија веќе се води на специјализирани платформи“, рекол заменик рускиот амбасадор во ОН, Дмитриј Полјански.