Солзите на Погба го обиколија светот: Плачеше додека потпишуваше договор со својот нов клуб

Францускиот фудбалер Пол Погба доживеа емотивен момент при потпишувањето на договорот со Монако, со кој официјално се врати во професионалниот фудбал по 18-месечна суспензија поради допинг.

Погба потпиша двегодишен договор со клубот од Кнежевството, а за време на церемонијата не можеше да ги задржи солзите поради сè низ што помина во изминатиот период.

„Ова ми значи сè. Имаше многу мрачни денови, но верував дека ќе се вратам. Монако ми даде шанса и нема да ја пропуштам“, рече поранешниот играч од средниот ред на Јувентус и Манчестер Јунајтед, кој плачеше додека го потпишуваше договорот.

Погба не го положи допинг тестот во август 2023 година и првично беше суспендиран на четири години. Сепак, неговата казна беше намалена на година и пол по жалбата, што му овозможи да игра веќе ова лето.

Последниот официјален натпревар што Погба го одигра во дресот на Јувентус беше пред 658 дена. Ова значи дека тој не беше на теренот речиси две години, а во меѓувреме го раскина договорот со Јувентус.

Монако минатата сезона заврши на третото место во Лига 1 и ќе игра во Лигата на шампионите, каде што Погба гледа можност повторно да се докаже на големата сцена.