Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска со највисоки државни и воени почести го пречека хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој е во официјална посета на земјава.
По свечениот пречек двајцата премиери ќе одржат тет-а-тет средба, по што ќе има разговори меѓу двете делегации.
Во делегацијата заедно со премиерот Андреј Пленковиќ се високи претставници за економски прашања и за надворешни работи, претставници од хрватскиот Сабор. Во состав на македонската делегација на средбата ќе бидат вицепремиерите за европски прашања и за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Бојан Маричиќ и Фатмир Битиќи, министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу.
Пленковиќ за време на официјалната посета ќе биде примен и од шефот на државата Стево Пендаровски, како и од собранискиот претседател Талат Џафери, а ќе се обрати и пред пратениците во Собранието.