„Наша најголема радост во цела оваа тага е тоа што успеавме да лоцираме едно женско лице, на возраст некаде околу 40 години која сѐ уште беше жива внатре во објектот и бараше помош од нас.“
По разорните земјотреси во Туркије, тимот на Дирекцијата за заштита и спасување на Северна Македонија беше ангажиран во операции за пребарување и спасување во Туркије, поточно во градот Адијаман, околу десет дена. Членовите на тимот веќе се вратија во земјата.
Заменик-директорот на Дирекцијата за заштита и спасување на Северна Македонија, Зулфикар Зејнула, во разговор за новинската агенција Анадолу (АА) ги раскажа нивните доживувања и работа на терен.
Тој рече дека во рамки на разговорите со Турската амбасада во Скопје, тим составен од 38 лица заедно со 13 целосно опремени возила заминале за Туркије, каде што најпрвин отишле во Адана и од каде се префрлиле во Адијаман за операции за пребарување и спасување.
Слики кои никогаш нема да се заборават
Зејнула нагласи дека работите кои започнале во Адијаман во доцните вечерни часови, продолжиле без прекин до вечерта наредниот ден.
„Кога отидовме таму, запознав еден човек, кој го загубил целото семејство. Човекот, обидувајќи се да им помогне на преживеаните, засукувајќи ги ракавите за да направи супа за нив, беше со силна волја да живее како ништо да не се случило. Тоа трпение, таа слика никогаш не можам да ја заборавам. Ова, како што кажав на почетокот, искрено верувам дека ќе го надминеме заедно со нашето трпение“, раскажа Зејнула.
За него, најемотивниот момент бил кога стигнале до децата на еден граѓанин кој ги загубил мајката, таткото, сопругата и двете ќерки, додека успехот кога од под урнатините спасиле 38-годишно лице по 115 часа, го опиша како „чудо“.
Ивица Наумовски, раководителот на Тимот за заштита и спасување, истакна дека кога добиле информации за земјотресот, ја знаеле моќта на Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД), како и капацитетот да ја надмине секоја ситуација, но откако ја добиле веста дека нивната институција ќе ја посети турскиот заменик-амбасадор во Скопје, сфатиле дека се случило нешто поголемо.
Првата задача во Адијаман, според Наумовски, била пребарување и спасување во деветкатница, каде што во првите 15 минути стигнале до трупови на 3 лица од вкупно 66 лица кои се наоѓале таму.
Спасување човечки живот – Најголема радост
Меѓу другото, Наумовски го раскажа искуството при спасување на женско лице од под урнатините.
„Наша најголема радост во цела оваа тага е тоа што успеавме да лоцираме едно женско лице, на возраст некаде околу 40 години која сѐ уште беше жива внатре во објектот и бараше помош од нас. Стапивме во контакт на турски јазик бидејќи со нас имавме и официјални преведувачи кои говореа турски. Преведувачот цело време беше со неа, повикавме помош од АФАД, нормално за да дојде и Брза помош да може првично да се стабилизира нејзиниот живот, а подоцна да продолжиме со нејзино безбедно извлекување. Процесот траеше некаде околу осум часа“, раскажа Наумовски.
Тој рече дека откако била спасена, жената со возило на Брза помош била пренесена во болница на понатамошно лекување.
„За жал, од истиот објект извадивме 65 починати лица кои беа предадени на властите во Адијаман“, вели Наумовски.
Тој истакна дека неговиот тим доаѓа од мала земја, и дека тоа се неговите капацитети, додека, како што рече, како институција испратиле прво 38 луѓе, а потоа уште 30, со што бројот на тимот се зголемил на 68 лица.
„Нашите мисли цело време се со турскиот братски народ во Република Туркије. Од нашето осамостојување од 1991 година па досега, Туркије нѐ поддржуваше во секој наш чекор за да израснеме како држава. Ова е еден мал дел кој ние како Република Северна Македонија или Дирекција за заштита и спасување можевме да го направиме за Република Туркије“, додаде Наумовски.
Тој ги повика семејствата, роднините и пријателите на оние кои се под урнатините да бидат цело време со нив, а нивните повици до нивните роднини под урнатините ги опиша како најтежок момент.
Пронајдените детски белешки за училиште будат емоции
Уште еден емотивен момент за нив, според Наумовски, било пронаоѓањето на материјалите за учење што децата ги подготвувале за на училиште или белешките на жените кои се подготвувале за породување.
„Згради, објекти или куќи, било што ќе се изгради, ќе се направи, меѓутоа, судбините кои останаа запечатени таму се за навек. Зградата ќе се изгради, меѓутоа, без овие 65 лица кои живееле внатре, веќе не е истата таа зграда, таа може ќе биде иста по форма, по лик или по сѐ, меѓутоа, судбините веќе ги нема таму“, додаде Наумовски. ТРТ Балкан