Средба на Вучиќ со американските сенатори: Србија определена за поблиска соработка со САД

Вучиќ изјави дека за Србија е од клучен интерес да ги зачува стабилноста во регионот, позитивната агенда и јакнењето на регионалната соработка во сите области, особено во областа на економијата

Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, денес ги прими американските сенатори Крис Марфи и Гери Питерс и во разговорот со нив истакна дека Србија е определена за развивање поблиска соработка со Соединетите Американски Држави (САД) во сите области од заеднички интерес, јавува Анадолу.

Од Службата за соработка со медиумите на претседателот на Србија е соопштено дека сенаторите изразиле сочувство за неодамнешните трагични настани во Србија и, со оглед на иницијативата на сенаторот Марфи за контрола на оружјето по масовното пукање во училиште во американската сојузна држава Конектикат, разменија мислења за мерките што ги преземаат српските власти.

Дел од разговорот бил посветен на дијалогот меѓу Белград и Приштина, а Вучиќ истакна дека сега приоритет е формирањето на Заедницата на српски општини.

„Претседателот особено нагласи дека Белград од почетокот покажува сериозност и одговорност во процесот на дијалогот и покрај постојаните провокации и многубројните еднострани потези на Приштина, кои го опструираат наоѓањето компромисно и одржливо решение“, се наведува во соопштението.

Говорејќи за актуелната геополитичка и безбедносна ситуација во светот, Вучиќ повтори дека Србија останува приврзана на доследната политика на чување на националните и државните интереси, како и почитување на принципите на територијален интегритет и суверенитет на државите.

Тој додаде дека за Србија е од клучен интерес да ги зачува стабилноста во регионот, позитивната агенда и јакнењето на регионалната соработка во сите области, особено во областа на економијата, со што Србија, преку иницијативи како Отворен Балкан, доследно и упорно ја промовира политиката ориентирана кон иднината, ставајќи фокус на заемно корисната соработка.