Стојко Стојков: Тензиите ќе ѝ користат на бугарската антимакедонска политика и ќе и наштетат на Македонија

Стојко Стојков од партијата на Македонците во Бугарија ОМО Илиден Пирин вели дека во сабота лично нема да дојде во Македонија да положи цвеќе на гробот на херојот Гоце Делчев во Скопје, но појаснува дека има Македонци од Бугарија кои се подготвуваат да дојди. Сепак, дали сигурно ќе дојдат и во колкава бројка, не знае и не може да потврди.

Тој смета дека доколку дојде до тензии и немири тоа ќе биде на штета на Македонија. Можно е сето тоа да е однапред испланирано сценарио.

„Знам дека луѓето се подготвуваат да дојдат, но не знам што ќе се случи. Тензиите би биле во корист на бугарската антимакедонска политика и на штета на Македонија. Ќе се користат за нови уцени против Македонија и за оправдување на бугарската политика кон Македонија. Намерна провокација е да се предизвика реакција кај Македонците, која потоа ќе биде претставена како антибугарска, како кај клубовите“, вели Стојков.

За тоа дали Бугарија може да стави вето на преговорите на Македонија со Европската унија (ЕУ), доколку се случат инциденти на гробот на Делчев, тој додава дека се е можно.