Стравични снимки од пожарот во Хрватска, огнот голта се пред себе, одекнуваат детонации, изгоре и автомобилот на градоначалникот на Макарска (Фото/Видео)

Пожарот што доцна синоќа избувна во Горњи Тучепи кај Макарска во Хрватска се прошири на националниот парк Биоково.

Огнената линија е долга четири километри, а се слушаат и детонации , па не се знае дали во куќите експлодирало возило или оружје, пренесува хрватски Индекс.

Еден од мештаните изјави дека изгорел пределот каде што се наоѓа зип-лајнот, целиот простор под ресторанот „Веза“, а сите гости од куќите кои се покрај автопатот излегле надвор.

Во гаснењето на пожарот учествуваат пожарникари од цела ривиера.

Се наведува дека горат повеќе од 90 проценти од маслиновите и земјоделските површини како и запуштените површини, се бранат вили и куќи, а пожарот се гаси со вода од базенот.

Сега за сообраќај е отворен автопатот кон Дубровник, а затворен е патот Макарска-Вргорац, а пристигнувањето на канадерите се очекува во утринските часови.

Претседателот на општина Макарска, Анте Чобриниќ, за малку ќе настрадаше од пожарот, кој брзо се прошири од силниот ветер.

„Штом избувна пожарот, со автомобил отидов до Човиќ за да ги поддржам пожарникарите. Тогаш огнот беше мал и во секунда ми се разгоре пред очи, па скокнав во автомобилот и се упатив кон дома. Но, огнот го зафати автомобилот од кој веднаш излегов, а тој изгоре за неколку минути“, изјави Чобриниќ за „Слободна Далмација“.