Најновата студија на истражувачите од германскиот институт за хемија Макс Планк даде застрашувачки предвидувања дека до 2100 година би можеле да умрат дури 30 милиони луѓе како резултат на климатските промени и загадувањето на воздухот.
Истражувачите стигнале до оваа бројка користејќи најсовремени нумерички симулации за да ја проценат смртноста предизвикана од екстремните температури и загадувањето на воздухот, објави Дејли Меил.
„Во 2000-тите, околу 1,6 милиони луѓе умираа секоја година поради екстремна топлина или студ“, рече водачот на истражувањето Андреа Позер, додавајќи дека до крајот на овој век, тој број веројатно ќе се зголеми за седум пати на 10,8 милиони жртви.
Во текот на 2000-тите, околу 4,1 милиони луѓе годишно умирале како резултат на загадениот воздух, додека тој број ќе се искачи на дури 19,5 милиони луѓе до крајот на векот, додаваат истражувачите.
Студијата беше објавена веднаш откако извештајот на Обединетите нации предупреди дека планетата Земја е изложена на ризик од катастрофално зголемување на температурата за 3,1 Целзиусови степени овој век.
Истражувачите ги засновале своите пресметки на проекциите за периодот од 2000 до 2090 година, анализирајќи 10-годишни интервали, а податоците покажуваат дека веројатно ќе има големи разлики во бројот на смртни случаи во различни региони.
Како што предвидува студијата, Јужна и Источна Азија ќе бидат најтешко погодени, што особено ќе придонесе стареењето на населението и екстремното загадување на воздухот.
Спротивно на тоа, во регионите каде што приходите се високи, како што се Западна Европа, Северна Америка, Австралија и Азија Пацифик, бројот на смртни случаи поради климатските промени ќе биде поголем од оние предизвикани од загадувањето.
Во земјите како САД, Англија, Франција, Јапонија и Нов Зеланд овој тренд веќе се реализира, а експертите предупредуваат дека со текот на времето само ќе се зголемува, а екстремните температури се поголем ризик од загадување на воздухот.
Ова ќе важи и за земјите од Централна и Источна Европа, како што се Полска и Романија, како и делови од Јужна Америка.
Во исто време, нивото на морето може да се зголеми за 1,2 метри до 2300 година, дури и ако се постигнат целите поставени на климатската конференција во Париз во 2015 година, предупредуваат научниците.
Истражувачите се надеваат дека најновата студија ќе ја нагласи итноста од потребата за акција за ублажување на ефектите од климатските промени.
Ниту една од речиси 200-те влади кои го потпишаа Парискиот договор за климата не е на пат да ги исполни ветените цели, наведува Дејли Мејл, потсетувајќи дека една од тие цели била намалување на емисиите на штетни гасови на нула во втората половина на овој век.