Студентите нема да имаат бесплатен јавен превоз од наредната година

Студентите ќе останат без бесплатен јавен превоз. Билетите на студентите за наредната 2025 година не се продолжуваат. На оние кои се обиделе да ги продолжат билетите во билетарниците им било кажано дека треба одобрение од надлежните за нивно продолжување.

Од Студентското собрание кои реагираат на овој проблем велат дека побарале одговор од сите надлежни институции. Доколку тие останат без бесплатен јавен превоз се заканија на протести.

Една од опциите е да протестираме пред сите институции. Од сегашната градоначалничка на Град Скопје беше најавувано бесплатен градски превоз за сите граѓани, а доаѓаме до ситуација каде што се зборува дека треба да има укинување, а тоа навистина не е во ред за студентскиот стандард, вели Александар Николовски, претседател на Студентско собрание на УКИМ.

Од МОН се оправдуваат дека не должат пари за студентските билети. Вината за овој проблем ја лоцираат кај градоначалничката на Град Скопје. Уверуваат дека студентите нема да останат наредната година без бесплатен јавен превоз, но без прецизно да знаат колку пари ќе има за таа намена.

Сепак мислам дека ќе треба да го видиме тоа. Затоа што буџетот треба да помине на Собрание. Затоа да не кажуваме бројки кои можат да бидат и изменети, изјави Лулзим Алиу, заменик министер за образование.

Од Форумот за образовни промени имаат предлог за олеснување на финансискиот товар на студентите од другите градови. Тие бараат месечен билет за 10 патувања кој ќе чини околу илјада денари или месечен билет со неограничен број патувања кој би чинел нешто над две илјади денари. За оваа нивна иницијатива ќе одржат средби со надлежните институции.

Редовните студенти од 2016 година имаа можност бесплатно да се возат секој ден во сите градски и приградски линии. На нив им беа доделени картички од ЈСП кои важеа на годишно ниво, а секој декември ја продолжуваа за наредната година.