Студентите си заминуваат, Македонија не знае колку, Словенија најбараната дестинација

Државата нема преглед колку студенти студираат на странски универзитети, иако секоја година илјадници млади луѓе, наместо да се запишат на еден од домашните универзитети, се запишуваат во странство. Најголем интерес има за студии во Словенија, каде што само во последните две години се запишале над 3.100 студенти. Голем дел од нив воопшто не се враќаат. Словенечките универзитети нудат бесплатни студии за студенти од Северна Македонија.

„Министерството за образование нема точни податоци за бројот на студенти во странство, бидејќи не е можно да се следи заминувањето на нашите граѓани кои одат во странство по сопствена иницијатива. Имаме податоци за бројот на студенти кои добиле стипендии од Министерството за образование за студирање во странство, оние кои се запишале на еден од 100-те најдобри универзитети во светот. Станува збор за околу 400 студенти во сите три циклуси на студии во периодот од 2010 година до денес“, велат од Министерството за образование.

Универзитетите бележат драматичен пад на запишувањето студенти. Професорите велат дека ова би можело да се промени со поголема вклученост на студентите во пракси во компании, поголеми стипендии и повеќе можности за работа.

„Заминувањето генерално се случува поради различните можности што ги нудат земјите, но она што е интересно за нас е што самите студенти имаат одлични можности и тука, особено со помош на дигиталните технологии, да останат тука, а во исто време да се чувствуваат како да се во престижни центри“, рече Александар Карадимче – Универзитет „Свети Апостол Павле“ – Охрид.

Билјана Ристачкоска Ширговска – асистент на Факултетот за земјоделски и прехранбени науки
„Тоа е актуелен тренд и еден вид мода кај младите. Во контактите со колегите од други земји, не станува збор само за нашите студенти, овој тренд е широко распространет и во други поразвиени земји од Западна Европа.“

„Доколку индустријата се подобри, што зависи од политиката на нашата држава, тогаш ќе се зголеми и интересот за студии, без разлика дали на Машинскиот факултет, на Електротехничкиот факултет или на други факултети“, нагласи Александар Ѓерасимовски – вонреден професор на Машинскиот факултет.

Министерството за образование вели дека се работи на подготовка на нов Закон за високо образование, кој ќе обезбеди повеќе права и можности за професорите и студентите. Се разгледува и можноста за обезбедување загарантирано вработување за најдобрите студенти. Исто така, се подготвува и нов Закон за студентски стандард, кој има за цел да го подобри начинот на финансирање на студентските домови, начинот на доделување стипендии и да обезбеди повеќе можности за младите луѓе кои избираат да продолжат со академско образование.