Судењето против Раде Трајковски – Штекли одложено поради неговата здравствена состојба, бил неконтактибилен и дезориентиран

Судењето за групата на Раде Трајковски викан Штекли се одложи за следниот месец бидејќи обвинетиот воопшто не бил однесен од затворот Скопје во болница како што претходно кажа судијата Илија Трпков. Судот добил известување од затворот Шутка дека Трајковски сеуште не е однесен бидејќи се чекало потпис од началникот од СВР Скопје Сашо Топаловски за полициска асистенција. Претходно стартот на судењето се одложи за час и половина бидејќи беше соопштено оти обвинетиот бил пронајден неконтактибилен во ќелијата и бил пренесен на Клиниката за нефрологија.

Како што изјави судијата Илија Трпков, уште вчера Трајковски се пожалил на здравствени проблеми, поради што во затворот било повикано медицинско лице.

Според информации на Скопје1 добиени од извори во затворот, обвинетиот имал слични напади и претходниот ден.

Судењето првично беше презакажано за 11:30 часот, под услов да биде завршен прегледот и обвинетиот да биде донесен во судот.