Сè е завршено: Јунајтед донесе засилување вредно 75 милиони евра – одличниот Камерунец на Театарот на соништата

Манчестер Јунајтед денес успеа да се договори за доаѓањето на нивното најново големо засилување, а Брајан Мбеумо ќе стане нов член на „Црвените ѓаволи“.

Камерунецот, кој има 25 години, воодушевуваше од своите игри во Брентфорд во изминатите сезони, а сега овој клуб собра неверојатна отштета за неговиот трансфер.

Имено, според извештаите од најдоверливи извори од Островот и остатокот од Европа, Јунајтед ќе плати 75 милиони евра за трансферот на крилниот напаѓач, заедно со очекуваните бонуси.

Мбеумо ќе потпише петгодишен договор со Јунајтед со опција за продолжување за уште една сезона.

Камерунецот одамна постигна договор со Јунајтед околу условите на неговиот договор, а денес и Брентфорд даде зелено светло за трансферот, па наскоро ќе бидат закажани медицински прегледи на овој фудбалер на „Олд Трафорд“.

Мбеумо минатата сезона постигна 20 гола и имаше осум асистенции во 38 натпревари за Брентфорд, а сезоната пред тоа имаше девет гола и седум асистенции во 25 натпревари.