Телата на 66 Палестинци извлечени од под песочните насипи на израелската армија во Газа

Екипите за цивилна одбрана извлекоа тела на 66 Палестинци од песочните насипи што ги изгради израелската армија во северниот дел на Газа, јавува Анадолу.

„Израелската армија со булдожери закопа голем број Палестинци под песочните насипи што ги користеше за утврдувања во неколку подрачја на градот Газа и посеверно од градот“, изјави Махмуд Басал, портпарол на цивилната одбрана на Газа.

Тој за АА истакна дека 37 тела се пронајдени во северниот град Џабалија, а уште 29 тела во бегалскиот камп Шати во Газа.

„Многу гробници допрва треба да се откријат, бидејќи Палестинците беа принудени да ги погребуваат своите мртви на улиците, плоштадите и јавните паркови за време на израелските копнени операции“, додаде Басал.

Тимовите за цивилна одбрана и медицинските тимови неуморно работат на извлекување тела од под урнатините и песочните насипи, и покрај ограничените ресурси.

Портпаролот Басал рече дека ситуацијата во Газа дополнително се усложнува поради лошите временски услови.

„На Газа итно ѝ се потребни 120.000 шатори за да ги смести Палестинците чии домови се уништени само во Газа и северно од градот“, додаде тој.

Тој повика на итна меѓународна акција за спасување на раселените и обезбедување на основните животни потреби.

Според владата во Појасот Газа, израелската армија уништила речиси 88 % од инфраструктурата на Газа, вклучувајќи домови и јавни објекти.

Договорот за прекин на огнот стапи на сила во Газа на 19 јануари, со што беше стопирана израелската геноцидна војна во која се убиени речиси 47.600 Палестинци, главно жени и деца.

Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење во ноември минатата година за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата.