Во тренинг центарот на МBP во Идризово, во присуство на премиерот, Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и амбасадорката на САД, Ангела Агелер, се одржа свечената презентација на акредитацијата на Центарот за обука. Акредитацијата од Меѓународната асоцијација на директори на полициските академии за стандарди и обука (ИАДЛЕСТ) на министерот Тошковски свечено му ја врачи амбасадорот Агелер.
Како што се наведува во соопштението на МBP, министерот Тошковски истакна дека со оваа акредитација правиме уште еден голем чекор напред во формирањето на Центарот за обука како водечки, кредибилен и професионален центар за обука, кој е од суштинско значење за министерството во неговото успешно функционирање, за сите негови полициски служби и организациски единици.
„Целосно сме свесни дека специјализираното и стручно образование и усовршување се темелните столбови на квалитативното функционирање на една институција и оттука, со доаѓањето на раководството на ова министерство, како врвен приоритет го поставивме развојот на Центарот во сите сегменти. Очекуваме дека одличното образование и напредување, обука и професионализам во пристапот ќе ги привлечат најдобрите кандидати кои својата кариера ќе ја продолжат во полицијата и министерството и ќе придонесат за создавање на успешно, модерно и функционално општество и држава преку борба и спречување на сите видови криминал и корупција, кои директно ја попречуваат благосостојбата на граѓаните и општеството“, рече Тошковски.
Тој потсети дека продолжува целосната реконструкција на Центарот за обука и негово унапредување во современ професионален едукативен центар во кој на сите полициски службеници и вработени во Министерството за внатрешни работи ќе им се обезбеди соодветен професионален развој и стручност според сите современи стандарди на полициската дејност.
„Пред извесно време, овде во нашата близина, со поддршка од нашите меѓународни пријатели, го отворивме Мултимедијалниот центар за хибридно учење, кој преку употреба на најсовремени и најиновативни технологии ќе го унапреди знаењето и подготвеноста на секој полицаец кој одлучил да работи за својата татковина за одржување на редот и законот, заштита на Уставот и безбедноста на секој граѓанин. Една од нашите цели кон која целиме е Центарот за обука да стане регионален центар за обука во кој ќе се обучуваат кадри од областа на безбедноста и полициската пракса“, подвлече Тошковски.