Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека очекува за две недели да дознае во која насока одат настаните поврзани со Украина.
„ Не сум среќен за ништо во врска со таа војна. Ништо. Воопшто не сум среќен. Ќе видиме што ќе се случи. Мислам дека во следните две недели ќе откриеме во кој правец ќе оди“, им рече тој на новинарите во Белата куќа.
Трамп во петокот ја повтори заканата дека ќе воведе санкции врз Русија доколку нема напредок кон мирно решавање на кризата во Украина во рок од две недели , покажувајќи ја својата фрустрација од Москва една недела по средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска.
„Ќе донесам многу важна одлука за тоа што ќе правиме – дали ќе бидат масивни санкции или масивни царини или и двете, или ќе не направиме ништо и ќе кажеме дека ова е ваша борба“, рече Трамп.
Тој исто така рече дека е незадоволен од рускиот напад врз американската фабрика во Украина минатата недела, што предизвика пожар во кој беа повредени некои вработени во фабриката.
„Не сум среќен поради тоа и не сум среќен за ништо што има врска со таа војна“, изјави Трамп пред новинарите во Белата куќа, според Ројтерс .
Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски во петокот изјави дека Русија прави сè што може за да спречи средба меѓу него и Путин, додека рускиот министер за надворешни работи рече дека агендата за таков состанок не е подготвена. Трамп рече дека ги започнал подготовките за средбата меѓу Путин и Зеленски по телефонскиот разговор со рускиот лидер во понеделник, што следеше по нивниот состанок на 15 август во Алјаска. Зеленски ја обвини Русија за одложување. „Средбата е една од компонентите на патот за завршување на војната . А бидејќи не сакаат да ја завршат, ќе бараат простор да ја одложат“, рече тој во петокот на прес-конференција во Киев со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави за NBC дека нема агенда за таков самит. „Путин е подготвен да се сретне со Зеленски кога агендата ќе биде подготвена за самитот. А таа агенда воопшто не е подготвена“, рече тој.
Се чини дека таков состанок не е можен ако се гледаат работите пошироко и се сетиме како Москва со тоа би им дала легитимитет на Зеленски и на Украина како такви, што го негира од самиот почеток. Трамп сега има повеќе простор да се справи со војната во Украина. Според проценката на Канцеларијата за буџет на Конгресот, зголемените царини на Трамп за американскиот увоз од странски земји би можеле да го намалат националниот дефицит за 4 трилиони долари во следната деценија. Доколку продолжат глобалните зголемувања на царините на Трамп, зголемените приходи би можеле да ги намалат примарните дефицити за 3,3 трилиони долари и да ги намалат федералните каматни плаќања за 700 милијарди долари во следната деценија, според Канцеларијата, непартиско конгресно тело.
Сепак, највисоките царински стапки можеби не се на сила во овој момент, бидејќи преговорите со трговските партнери и проценките за исправноста на царинските одлуки според меѓународното право се во тек.
Дополнителните приходи од царини би можеле да помогнат во компензирањето на зголемувањето на дефицитот предизвикано од законот за намалување на даноците и трошење што го усвоија републиканците оваа година. Бирото проценува дека тоа би го зголемило дефицитот за 3,4 трилиони долари во текот на следната деценија. Според Министерството за финансии, федералниот долг на САД е 37,18 трилиони долари. Тој продолжил да расте и под администрациите на републиканците и на демократите, бидејќи Конгресот на САД продолжува да ја овластува федералната влада да троши повеќе пари отколку што прима. Според „Оксфорд економикс“, американските царини за различни земји и производи во просек изнесувале 16,7 проценти во август, во споредба со 15,1 процент во јуни.