Трамп: Се чувствувам многу лошо, нема да се повтори

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека се чувствува „многу лошо“ поради израелскиот напад во Доха, нагласувајќи дека го смета Катар за „силен сојузник и пријател“ на САД.

„Сакам СИТЕ заложници и телата на загинатите веднаш да бидат ослободени и оваа војна да заврши, СЕГА! По нападот, разговарав со премиерот Нетанјаху. Премиерот ми рече дека сака мир. Верувам дека овој несреќен инцидент може да послужи како можност за МИР“, напиша Трамп. Тој додаде дека разговарал и со емирот и премиерот на Катар и им се заблагодарил за нивната „ поддршка и пријателство“ кон Соединетите Американски Држави.

„Ги уверив дека ништо слично нема да се случи повторно на нивна почва“, рече тој, додавајќи дека му наложил на американскиот државен секретар Марко Рубио да го финализира „Договорот за соработка во одбраната“ со Катар.

Трамп нагласи дека одлуката за напад врз лидерите на Хамас во Доха не ја донел тој, туку израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху .

„Бомбардирањето на суверена држава и близок американски сојузник, кој храбро презема ризици обидувајќи се да посредува во мирот, не ги унапредува целите на Израел или на Америка“, рече тој. Сепак, додаде дека „елиминацијата на Хамас, кој профитира од несреќата на народот во Газа, е достојна цел“. Тој исто така рече дека веднаш откако дознал за израелскиот план за напад, му наложил на специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, да го извести Катар, но било предоцна да се спречи нападот.

На социјалната мрежа „Truth Social“, Трамп објави дека американската војска ја информирала неговата администрација за израелскиот напад наутро.

„Утрово американската војска ја извести мојата администрација дека Израел го напаѓа Хамас, кој за жал се наоѓа во дел од Доха, главниот град на Катар“, напиша Трамп.