УКРАИНСКИ ДРОН удри ВО СТАНБЕН КОМПЛЕКС, СТРАШНО ВИДЕО: Напад на рускиот град Саратов

Куќи беа оштетени, а цивилните летови беа ограничени во руската област Саратов по напад на украинско беспилотно летало во областа.

Ројтерс пренесува извештаи од локални власти и руски медиуми дека во овој воздушен напад е ранета жена.

Гувернерот на Саратовската област Роман Басургин на Телеграм изјави дека станбен комплекс во градот Саратов бил оштетен од остатоци од дрон уништен од системите за противвоздушна одбрана.

– Жената е хоспитализирана во тешка состојба. Лекарите се борат за нејзиниот живот – напиша Басургин.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека неговите системи за противвоздушна одбрана уништиле девет беспилотни летала во регионот Саратов, кој се наоѓа на околу 900 километри од границата со Украина.

Руската агенција РИА Новости објави дека летовите се ограничени на регионалниот аеродром.

Претходно, Басургин изјави дека спасувачките служби биле испратени во Саратов и Енгелс, клучни градови во оваа област лоцирани неколку стотици километри југоисточно од руската престолнина Москва.

Русија има воена база во Енгелс со стратешки бомбардери кои Украина многупати ги нападна откако Москва започна целосна инвазија на соседната земја во февруари 2022 година.

Британската агенција наведува дека засега нема информации за штетите во базата ниту за размерите на украинскиот напад врз регионот Саратов.

На видеото објавено на телеграмскиот канал на рускиот медиум SHOT се гледа катна зграда во Саратов со едната страна оштетена и неколку прозори искршени на три ката.

Во објавата што го придружува видеото се наведува дека е оштетен и последниот кат од станбената зграда во Енгелс.

Ројтерс наведува дека не може самостојно да ги потврди овие наводи, а од Украина се уште нема официјални коментари.