Унгарски кредит, Мицкоски: Условите што утре ќе ги договориме со банките не зависат само од мене

Очекувам утре да се сретнеме и отворено да разговараме и да ја завршиме оваа работа и од следната недела полека но сигурно да започнеме со подготовките за реализација на кредитот, бидејќи секојдневно добивам повици од заинтересирани економски оператори кои сакаат да бидат корисници на оваа линија. за да можат да ги подобрат инвестициските перформанси на нивните компании, изјави премиерот Христијан Мицкоски на прашањето за очекувањата од утрешната средба со банките во однос на унгарскиот кредит.

За тоа што според министерот за финансии само една банка пројавила интерес за преземање на кредитниот ризик, Мицкоски рече дека не може однапред да се каже исходот од средбата.

„Утре ќе разговараме, не знам дали ќе успееме. Каков ќе биде епилогот, знам дека сигурно корисниците ќе ги искористат тие услови за кои зборувавме. Но, морам да напоменам дека и во минатото во овие последни 30 години државата секогаш субвенционирала ваков тип на заеми и голема сума на средства по камата каде како резултат на тие субвенции завршувале во банки или кредитори. Дали ќе успееме и кои се условите за кои ќе се договориме не зависи само од мене. Ние како Влада ќе направиме се за да разговараме отворено и цениме дека во овој момент, наспроти предизвиците што се случуваат низ светот, ова е најмалку што можеме да направиме заедно со банките. Некој ќе рече, не се алтруисти, зошто општествена одговорност. Како Влада сакаме да видиме општествена одговорност кај сите компании со кои соработуваме, бидејќи нормално е кога ресурсите на граѓаните се користат за да им се врати нешто. Ако некој ја банализира таа општествена одговорност, мислам дека е на погрешен пат“, рече Мицкоски.

Тој нагласува дека во зависност од договорот што ќе се направи утре, ќе се прават пресметки колку ќе треба да се издвои од буџетот за камати, но додава дека сигурно ќе биде најмалку двојно помалку од, како што вели, „до одиме на отворен пазар со еврообврзница и да бараме пари, бидејќи државата мора да врати таква еврообврзница на 25 јануари, кога истекува седумгодишната еврообврзница од половина милијарда добиена во 2018 година“.

Тој нагласува дека енергетската состојба е завршена, на располагање се суровини и план и е обезбедено стабилно снабдување со гас од Азербејџан, производството на електрична енергија тече без проблеми, додека подобрување на потенцијалот се очекува со врнежи од снег во текот на зимата.

„Ги избравме двата главни предизвици за кои проценивме дека може навреме да бидат проблем оваа зима и затоа овој кредит треба што поскоро да се стави во функција за да имаме бран инвестиции за да нема отпуштања како што се случува во Германија и со други автомобилски производители“, рече Мицкоски по учеството во поставувањето на камен-темелникот за реновирање на ШФК „Ацо Шопов“ во населбата Радишан во општина Бутели.

Премиерот Христијан Мицкоски и министерката за финансии Гордана Димитреска-Кочоска утре се очекува да имаат средба со Здружението на македонските банки на која ќе се прецизираат условите под кои бизнис секторот ќе може да искористи 250 милиони евра од унгарскиот заем.