Уставниот суд одлучи да одржи подготвителна седница за Законот за јазиците

Уставниот суд на денешната седница донесе одлука да одржи подготвителна седница за иницијативите поврзани со Законот за употреба на јазиците пред да се произнесе за неговата и уставноста на дел од неговите одредби. „За“ одржување подготвителна седница беа петмина од шестмина присутни судии. Инаку, Уставниот суд има вкупно девет члена.

Кога ќе се одржи подготвителната седница, ќе се одлучи дополнително.

Според одлуката, на првиот нареден работен состанок ќе се разгледаат предлозите за спорни прашања и учесниците во расправата.

Одржувањето подготвителна седница е регулирано со член 40 од Актот на Уставниот суд на РСМ во кој се наведува дека „саради разјаснување на фактичката и правната состојба по одделни предмети, Уставниот суд до поведувањето постапка, може да одлучи да одржи подготвителна седница на која се повикуваат учесниците во постапката, стручни органи и организации, научни и стручни работници, што ќе ги определи Судот“.

На денешната седница на Судот, на која требаше да се расправа за уставноста на Законот за јазиците, како што беше најавено, не присуствуваат судиите Осман Кадриу и Насер Ајдари. Поради тоа, судијата Фатмир Скендер, непосредно пред гласањето на дневниот ред, побара да се повлече точката со иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на оспореното законско решение.

Останатите судии на Уставниот суд не се согласија со предлогот, по што судијата Скендер ја напушти седницата.