– Струмица е една од општините каде што навистина сме фаворити, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
-Таму граѓаните, во Струмица и во околината, се сведоци затоа што изминатите веќе повеќе од една и пол деценија социјалдемократи ја водеа општината и знаат што значи посветена работа за доброто на градот. Струмица е еден од најдобро организираните градови во државата, истакна Филипче во вечерашното гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ 1.
На прашањето каде очекува победа на неговата партија, Филипче потенцира дека тоа ќе го кажат граѓаните. А, во однос на анализите на ВМРО-ДПМНЕ дека СДСМ ќе победи во најмногу шест општини, лидерот на СДСМ изјави дека по 19 октомври, но и по вториот круг од локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ ќе биде непријатно изненадена, затоа што „повеќе не можат да излажат толку голем број на граѓани“, како на парламентарните и претседателските избори лани.
-Ние ќе се бориме за да ги повратиме гласовите од времето кога поддршката на СДСМ беше огромна, со наши автентични политики и со искрен пристап, со отворен, инклузивен контакт со граѓаните. Така што, јас верувам дека тие политики ќе ги препознаат и секако дека се бориме за секој глас, на секој еден граѓанин, изјави лидерот на СДСМ.
Филипче најави „енергична и ентузијастична битка“ во сите општини каде што СДСМ и коалицијата предложија кандидат за градоначалник и смета дека енергијата и желбата за политичка борба се зголемуваат кај членовите и симпатизерите на СДСМ. Според него, анкетите на ВМРО-ДПМНЕ лажно покажуваат мала поддршка за СДСМ, а владејачката партија е во паника од падот на рејтингот.
-Тие имаат изгубено стотина илјади гласа споредено со минатата година, што никогаш досега не се случило една влада да има толкав пад на популарноста за само една година. Меѓутоа, тоа не е чудно, едноставно, со ништо не се справија. Покажаа дека немаат ниту човечки капацитет, ниту работна навика. Не се впуштија во решавање на проблемите на граѓаните, туку влегоа во партизација на институциите. Влегоа во тендери преку свои компании, преку коишто понатаму се исплаќаат хонорари на разни советници на премиерот во Владата, нивни сопружници, рече лидерот на опозициската СДСМ.
Филипче вели дека нивниот слоган на кампањата значи дека ќе се борат за „нашиот дом“ и оти тоа претставува сублимат на сите историски политики, започнувајќи од АСНОМ, па сè до евроатлантските интеграции на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Тоа е повеќеслојна порака дека борбата е за секоја куќа, уличка, населба, општина. – Мотивирачки е слоганот, одлично го прифатија нашите членови. Сметам дека добро допира пораката дека нашиот народ кој традиционално се борел секогаш кога некој сакал да му ја земе слободата, кога сакал да го замолкне, кога сакал да го ограби, а токму тоа се случува сега со оваа власт, заклучи тој.
Тој во интервјуто кажа зошто партијата не поддржа повторна кандидатура на Костадин Костадинов. – Само уште една поента. Актуелниот градоначалник Костадинов немаше поддршка од членството. Тоа беше најголемата причина зашто ние посегнавме по внатрепартиска анализа и изнаоѓање друг кандидат, рече Филипче.
Во врска со Струмица, Филипче беше прашан и дали за изборите ќе се ангажираат и Зоран Заев и структурите блиски до него за да работат во прилог на кандидатот на СДСМ, Марјан Даскаловски. Тој одговори дека Заев целосно се дистанцирал од политиката и оти така ќе се однесува и на овие избори.
Тој рече дека на претстојните локални избори решиле да ги оптимизираат капацитетите и во општините во кои немаат шанси да освојат градоначалничко место, како Тетово, Струга и Чаир, наместо со кандидат за градоначалник да одат само со квалитетна советничка листа. Филипче додаде дека за потенцијална поддршка на кандидати за градоначалник од другите партии ќе разговараат во пресрет на вториот круг од изборите на 2 ноември.
-Ќе работат исклучиво за интересот на партијата. Да се промовираат носителот на листата, кандидатите за советници и нашата програма. А секаде е изготвена програма, вклучувајќи и таму каде што немаме кандидати за градоначалници, зашто ќе се борат во општините преку советите, врз основа на реалните потреби на граѓаните, врз основа на тоа што е или не е сработено во минатото, на еден широк, инклузивен начин, слушајќи ги пораките од самите граѓани во многу честа, интензивна комуникација изминатиот период, потенцира Филипче.
На прашањето дали СДСМ има некаков совет или порака кого гласачите да поддржат во општините во кои неговата партија нема свој кандидат за градоначалник, Филипче рече дека нема политички договор во пресрет на првиот круг од изборите. На дополнителното прашање дали е можно СДСМ отворено или затскриено да се поддржува со ДУИ, односно Националната алијанса за интеграција, Филипче децидно отфрли таква можност.
-Не. Засега не, и затоа кажав дека овој контекст и тие политички потенцијални коалиции и соработки ќе ги разговараме и ќе ги дебатираме во пресрет на вториот круг. Во првиот круг само за нашите политики, а граѓаните ќе гласаат за тој за којшто сметаат дека треба да се гласа. Значи, нема политичка коалиција со, во овој момент, во пресрет на првиот круг, со ниту една партија или блок во делот на албанските партии, вели Филипче.
Независно од исходот на локалните избори, Филипче рече дека планира да остане на позицијата претседател на СДСМ. Тој нагласи дека ја презел партијата во многу тешко време, по катастрофалниот пораз на парламентарните и претседателските избори и оти неговата визија ги надминува овие локални избори.
-Мојата визија е малку подолгорочна, во периодот после локалните избори вклучува сериозно окрупнување на сите опозициски партии. Мотивацијата е сè поголема, имајќи предвид дека сметам дека земјава сериозно заглавува, рече Филипче.
Запрашан што доколку одредени структури во партијата го постават прашањето за негова доверба, тој вели дека структури што креираат такви потенцијални сценарија ќе има, има и сега, но и оти независно од финалниот резултат, тој планира да остане на позицијата. Венко Филипче беше реизбран за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) на внатрепартиските избори на кои тој беше единствен кандидат на 6 април годинава со вкупно 18 001 глас од околу 23 000 регистрирани гласачи