Законот за Судски совет е во завршна фаза и очекувам да биде усвоен според планираното до крајот на месецот. Нема повеќе „не знаев“, нема повеќе „немав овластувања“. За секоја одлука ќе има име и презиме, вели министерот за правда Игор Филков во интервју за Македонската новинска агенција, нагласувајќи дека ова е клучен чекор во зајакнувањето на независноста и транспарентноста на судството.
Филков нагласува дека Министерството за правда го добило мислењето од Венецијанската комисија за Предлог-законот за Судскиот совет и тие забелешки веќе се разгледани.
„Ова е конструктивен и суштински документ кој содржи јасни насоки и препораки, особено за деловите во кои ние како министер вложивме сериозен фокус. Овие забелешки веќе се земени предвид. За нас е особено важно што Комисијата го препозна транспарентниот и инклузивен процес при изготвувањето на законот – преку јавни расправи, консултации со експерти и вклучување на сите клучни засегнати страни. Ова е потврда дека се движиме во вистинската насока и дека нашите реформи се во согласност со европските стандарди. Овој пристап директно придонесува за зајакнување на довербата во законодавниот процес и судството како целина“, вели Филков.
Кога зборуваме за доверба во судството, како што нагласува Филков, мора да почнеме од институциите што го водат системот – Судскиот совет и Јавното обвинителство, и затоа почнавме оттаму.
„Советот, досега замислен како гарант на независноста, премногу често беше глув за скандалите и молчеше кога требаше да дејствува. Сега ова се менува. Воспоставуваме строги критериуми за избор и разрешување, обврска за транспарентност, контрола на интегритетот и, најважно, механизми за лична одговорност. Нема повеќе да има „не знаев“, нема повеќе да има „немав овластување“. Ќе има име и презиме за секоја одлука. За прв пат ќе има објективна проценка на нивната работа, транспарентност во донесувањето одлуки и механизми за одговорност за самите членови на Советот. Ова е клучна точка што ја забележа и Мисијата за евалуација на ЕУ – и сега директно одговараме на таа препорака“, рече Филков.
Што се однесува до обвинителството, Филков уверува дека тоа повеќе нема да биде „затворена кутија“ зад која се кријат одлуки без објаснување.
„Новиот закон ќе обезбеди отчетност, зголемена јавна контрола, како и рамнотежа помеѓу хиерархијата и професионалната слобода. Не сакаме обвинителство кое калкулира, туку обвинителство кое дејствува. Воведуваме систем за редовна и објективна евалуација на обвинителите, како и јасна линија на одговорност. И во овој закон внимателно ги вклучивме речиси сите главни забелешки од Мисијата за евалуација“, рече Филков.
До крајот на годината, Филков вели дека има уште една важна задача – усвојување на новиот Кривичен законик, што не е само усогласување со европските стандарди, туку фундаментална законска реформа што ќе ја модернизира кривичната политика и ќе обезбеди јасен одговор на организираниот криминал и корупцијата.
„Конечно, ќе има јасни, цврсти и применливи одредби против корупцијата, злоупотребата на службената должност, организираниот криминал. Верувам во институциите и во нашиот капацитет да го оствариме ова. Реформите не се само формалност – тие се одраз на нашата политичка волја, одговорност и визија за праведно општество“, нагласува Филков.
Филков уверува дека динамиката на спроведување на реформите е интензивна, фокусирана и целосно усогласена со обврските што ги презедовме во рамките на Планот за раст на Западен Балкан и нагласува дека постои политичка волја и јасна цел – да се постигне она што е договорено и потребно.