Филков ќе магистрира на тема за ресорот што го води – се отвора ли конфликт на интереси?

Министерот за правда, Игор Филков, утре на Правниот факултет „Јустинијан Први“ ќе ја (од)брани магистерската теза на тема „Креирање стратегии во сферата на правосудството како надлежност на Министерството за правда“ – токму ресорот што го предводи.

Тезата ја менторира проф. д-р Ивана Шумановска-Спасовска, која во 2023 година беше забележана на партиски настан на ЗНАМ, каде со потпишува иницијативата за формирање на тој политички субјект, партијата од која доаѓа Филков.

Таа, како и министерот, негира конфликт на интереси. „Немам никакви блиски односи со министерот, ниту сум член на било која партија“, вели професорката.

Филков, пак, истакнува дека во македонското законодавство не постои дефиниција за конфликтна или неконфликтна тема на истражување, па според него, дилемите се беспредметни.

Сепак, дел од јавноста го отвора прашањето дали е коректно министер да магистрира токму на тема што директно се однесува на институцијата со која управува. Дополнително внимание предизвикува и фактот што менторката била присутна на партиски настан, иако таа тврди дека станува збор за чисто лично присуство без партиска припадност.

Во комисијата за одбрана на трудот се и професорите д-р Драган Гоцевски и д-р Дивна Илиќ-Димоски. Одбраната е закажана за утре на редовната седница на Наставно-научниот совет на факултетот.

И додека официјално сите страни уверуваат дека нема судир на интереси, останува отвореното прашање: дали во вакви случаи е доволно само законската рамка, или пак јавната перцепција има еднакво значење?

Има неколку европски, но и регионални примери кога иако директно не се кршеле законски одредби, поради притисокот од јавноста министри си поднесувале оставки од своите функции. На пример во Србија, министерот за финансии Синиша Мали се соочи со скандал кога неговиот докторски труд беше прогласен за плагијат од Универзитетот во Белград. Случајот предизвика протести, студентски блокади и барања за оставка – што покажа колку е важно јавната доверба во академските процеси, дури и кога формално не постојат законски пречки.

Во многу универзитети во регионот и Европа постојат правила кои велат дека ментор не смее да биде лице во блиска роднинска или пријателска врска со студентот. Причината е јасна – иако таквата врска не мора да значи фаворизирање, јавната перцепција може да создаде сомнеж за објективност.

Во Македонија вакви ограничувања најчесто не се експлицитно регулирани. Затоа, ситуации како оваа со Филков остануваат во „сива зона“ – правно дозволени, но потенцијално ризични за довербата во академскиот и политичкиот интегритет.