Фон дер Лајен со порака од Скопје: Уставните измени неопходен чекор за следна фаза во преговорите, изборот е ваш

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен вчера од Скопје порача дека уставните измени се неопходен чекор на патот на пристапување кон ЕУ и изрази надеж дека сите политички партии ќе ги поддржат, но и потенцира дека изборот останува на нас. Ковачевски, пак, на заедничката прес-конференција со Фон дер Лајен, порача дека сите треба да ја земат одговорноста во свои раце, пред се пред сегашните и пред идните генерации и оти со вакви работи не се калкулира, не се прави личен политички рејтинг и не смее да се игра со емоциите на граѓаните.

-Колку е подобар процесот на реформи толку побрзо ќе дојде можноста за пристапување. Постои прозорец на можности што сега е отворен. Процесот не е толку строг и се заснова на заслуги и никој не мора да чека одреден датум, изјави вчера Фон дер Лајен одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција со Ковачевски во Владата.

Прашана дали во ЕК веќе се разгледува француско-германскиот предлог за реформа на ЕУ, и дали во 2030 година, со оглед на претстојните европските избори е достижна за ваква длабока реформа на Унијата и дали 2030 е достижна за ЕУ исто како што е достижна и за земјите од Западен Балкан да го завршат својот дел од обврските, таа одговори дека „сега работите навистина се менуваат на подобро и сега гледаме вистинска динамика и момент во процесот на проширување“.  

-Сакаме Западен Балкан да се приклучи кон ЕУ, а за тоа вие треба да се подготвите и ние треба да се подготвиме. Добро е што сега започна конкретна дискусија во ЕУ што треба ние да направиме за да бидеме подготвени, кои се прашањата што се отворени, кои се одговорите што треба да ги дадеме. Ова не беше случај во текот на минатиот мандат. Нешто значително се промени во овој мандат и работите стануваат конкретни. И затоа, мојата молба и охрабрување за движење напред во различните држави од Западен Балкан затоа што ова навистина е прозорец на можности што сега е отворен. Овој процес не е толку строг. Тој се заснова на заслуги и никој не мора да чека одреден датум. Може да бидете и побрзи. Колку е подобар процесот на реформи толку побрзо ќе дојде можноста за пристапување и тоа е навистина важно. Има прозор на можности што е отворен и ајде заедно да го искористиме овој момент, нагласи Фон дер Лајен.  

Во однос на уставните измени што се неопходни за следната фаза во преговорите, таа рече дека Северна Македонија е суверена држава која што ги прави сопствените избори.

-Изборот е ваш. И затоа, вистина се надевам дека сите страни, сите партии ќе го искористат тој момент и ќе ги поддржат уставните промени затоа што се работи за вашата иднина, за вашиот избор и сите партии имаат одговорност за иднината на Северна Македонија. Ние сакаме Северна Македонија да биде членка на ЕУ и се надевам токму поради тоа дека движењето напред ќе биде добро и ќе биде поддржано од широко мнозинство, истакна таа.

Во одговор на прашањето зошто нема да се сретне со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, со оглед на неговата изјава дека има очекувања од нејзината посета на државава, а тоа се безусловни преговори од страна на ЕУ, и дали е можно да добиеме безусловни преговори, а процесот на уставни измени да биде решаван во текот на преговорите, Фон дер Лајен повтори дека „уставните измени се неопходен чекор на патот на пристапување кон ЕУ“.

-Уставните измени се неопходен чекор на патот на пристапување кон ЕУ и неверојатно е навистина она што Северна Македонија досега го има постигнато и затоа навистина посакувам Северна Македонија да продолжи да се движи напред со решителност, со страст, со големи успеси на пристапниот пат. Каде и да сум обично се среќавам со шефот на државата и на Владата зависно од уставниот поредок. Ова е случај со моето патување во Западен Балкан, но тоа е случај со сите мои други посети и патувања кога посетувам земји членки постои правило дека се среќавам со шефот на државата или со премиерот на државата, одговори Фон де Лајен.  

Ковачевски повтори дека сите треба да ја земат одговорноста во свои раце. 

-Јас многу пати сум кажал дека јас сум човек којшто верува во остварување на целта и работи целта да се оствари. Ние имаме неповторлива шанса да обезбедиме европска иднина за државата со носењето на потребните одлуки во Собранието. Јас се надевам дека оние коишто секогаш во историјата биле против европските интеграции и атлантските интеграции на државата конечно за првпат во своето политичко постоење во Парламентот ќе покажат дека се за европска иднина на државата. Зошто го велам тоа сега? Затоа што, како што кажа и претседателката, сега има отворен прозорец за пристапување кон Европската унија. Ако до пред неколку години оваа тема воопшто не беше тема на широк консензус помеѓу земјите членки сега во овој геополитички момент сите земји се едногласни дека треба да има проширување, а проширувањето ако ја погледнете мапата на Европа практично значи обединување на Европа бидејќи земјите од Западен Балкан на сите свои граници се опкружени со земји на ЕУ, рече Ковачевски на прес-конференцијата со претседателката на ЕК.

Тој нагласи дека ние како држава имаме веќе 50 проценти усогласеност на нашето законодавство со ЕУ и имаме институции коишто целосно, вели, се усогласени со ЕУ. 

-Нашиот економски систем е на ниво на перформанси коишто овозможуваат да добива макрофинансиска помош од ЕУ, ако не е така нема ни да се разговара за такви прашања. И затоа, сметам дека сите треба да си ја земат одговорноста во свои раце, меѓутоа пред се одговорноста пред сегашните и пред идните генерации. Со вакви работи не се калкулира, со вакви работи не се прави личен политички рејтинг, со вакви работи не смее да се игра со емоциите на граѓаните, бидејќи тоа ќе значи единствено повторување на оној лош филм којшто го гледаме 11 години во државата кога имавме уназадување на меѓуетничките односи во Северна Македонија, во која што имавме уназадување во односите со соседите и кога еден милиметар на мрднавме во интеграциите во НАТО и во ЕУ и кога економијата не ни растеше повеќе од два проценти просечно годишно при инфлација од три проценти. И затоа велам дека лошите искуства од историјата не смеат да се повторуваат. Јас ќе продолжам заедно со коалиционите партнери, заедно со лидерите во коалицијата да работиме сонот за европска Македонија да се оствари до 2030 година, порача Ковачевски прашан што доколку не се донесат уставните измени.

Претседателката на Европската комисија во неделата попладне допатува во Скопје, а на Меѓународниот аеродром беше пречекана од вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, по што имаше средба во вила Водно со претседателот Стево Пендаровски.

Според соопштението од претседателскиот Кабинет, Пендаровски и Фон дер Лајен разговарале за процесот на пристапните преговори на земјава за членство во Европската Унија, за актуелните политички случувања во Северна Македонија и за тековните состојби во регионот и во таа насока биле разменети информации за натамошните фази во преговорите по завршување на скриниг прoцесот и за динамиката на спроведување на реформите. На средбата било разговарано за претстојниот извештај на ЕК за напредокот на Северна Македонија како земја-кандидат, како и за Планот за раст на Западниот Балкан, при што претседателот Пендаровски се заблагодарил за поддршката и посветеноста од ЕУ на политиката на проширување и интеграција на земјите од Западен Балкан.

Пендаровски и Фон дер Лајен размениле мислења за стратешката важност од спроведување на измените на Уставот и натамошните импликации врз европската перспектива на земјава.

По средбата на платформата Икс Фон дер Лајен напиша дека како што Северна Македонија напредува во реформите, така го трасира својот пат кон ЕУ.

– Со нетрпение очекуваме да ви посакаме добредојде вам, на вашиот посебен идентитет и на вашиот јазик, македонскиот јазик, наведе Фон дер Лајен, изразувајќи задоволство што нејзината турнеја низ земјите од Западниот Балкан во следните три дена ја започнува токму од Скопје.

Од Скопје, Фон дер Лајен отпатува за Приштина, каде ќе има средби со косовската претседателка Вјоса Османи и премиерот Албин Курти. 

Според најавата од Европската комисија, Фон дер Лајен по Приштина ќе ја посети Подгорица, каде ќе се сретне со црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ и премиерот Дритан Абазовиќ. Од таму заминува за Белград на средби со српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ. 

Турнејата низ земјите од Западениот Балкан, претседателката на Еврокомисијата ќе ја заврши в среда со посета на Сараево, каде ќе има средби со Претседателството на БиХ и со претседавачката на Советот на министри, Борјана Кришто. 

Западнобалканската турнеја на Фон дер Лајен доаѓа во пресрет на објавувањето на извештаите за напредокот на кандидатите за членство на патот кон ЕУ, најавено за 8 ноември. Последната земја од западнобалканската шесторка – Албанија, Фон дер Лајен ја посети пред две недели, кога престојуваше во Тирана во рамки на Самитот од Берлинскиот процес и оствари средби со албанскиот претседател Бајрам Бегај и премиерот Еди Рама.