ФОТО | ОВА Е НОВИОТ МОНАКО – Во најбогатото ромско село се е полно со импозантни палати со знаци на долари и “Mercedes-Benz“

Куќите украсени со високи мермерни столбови, кули и покриви слични на пагоди во романската внатрешност се бројат во илјадници. Таканаречените ромски палати во Романија среде полиња или гратчиња кои не поседуваат ништо, изгледаат несоодветно и бизарно, но меѓу припадниците на маргинализираното и главно сиромашно малцинство, тие јасно откриваат стремеж за повисок статус.

Ромските палати почнаа да никнуваат во раните 90-ти години на минатиот век по падот на комунизмот. Тогаш поединци од ромската заедница добивале пари, најчесто со собирање и продавање старо железо и со ситна трговија.

Сега има илјадници од овие наметливи објекти низ цела Романија. Соседите често се натпреваруваат во висина со додавање на спратови. Фасадите често се украсени со знаци на долар или знаци на автомобилот „Mercedes-Benz“ бидејќи се сметаат за симболи на богатство.

Романскиот архитект Рудолф Граф вели дека стилот на „ромските палати“ не треба да се отфрли иако се перципира како апсолутен кич:

Тоа е дел од романската историја, спротивно на модерната архитектура што ја наметнува државата“, вели тој.

Покривите, на пример, кои по форма потсетуваат на азиски храмови, всушност се претерување на типични романски архитектонски елементи“, објаснува Рудолф Граф.

Стиловите варираат од регион до регион. Во централна Романија, ромските палати се инспирирани од католичките цркви, на југозапад се копии на неокласични градби, а на исток и југ се толкувања на традиционалните куќи на болјарите, односно поранешната аристократија.

Но, тие имаат едно нешто заедничко, забележува Рудолф Граф, тие се изградени за да можат сопствениците да го покажат својот успех. Понекогаш тие се и копии на постоечки згради, како што е една во селото Бузеску, кое исто така се нарекува „ромско Монако“, сто километри јужно од Букурешт. Таму, Ден Финуту, богат член на локалната ромска заедница, ја направил својата куќа како модел на судот каде што бил осуден за измама во 1990-тите години.

Изворите на финансирање за овие палати не се многу јасни“, вели Рудолф Граф.

Многу сопственици во Бузеску велат дека заработиле од гломазен отпад, а со тоа се занимаваат и денес. Други тврдат дека работеле во странство. Со падот на комунистичкиот режим, кој ги принуди да се асимилираат, законски им го олесни заработувањето.

Костица Станчу, водач на ромската заедница во Бузеску, го поврзува појавувањето на првите „палати“ со фактот дека дел од златото запленето од комунистите им било вратено на Ромите.

Ромите традиционално подаруваат златници по повод раѓање на дете или свадба. Златниот накит се пренесува од колено на колено, а многу Ромки го претворија во ѓердани. Сепак, режимот на Николае Чаушеску усвои декрет во 1978 година со кој официјално се бара од сите Романци, но првенствено насочени кон Ромите, да го предадат своето злато на властите.

Во најголем број случаи, примопредавањето било документирано, што ја олеснило постапката за враќање на ромското злато.

Бузеску има 4.000 жители и десетици „палати“ покрај главната улица, на радост на минувачките туристи. Повеќето од два милиони Роми во Романија, или околу 10 отсто од населението, остануваат сиромашни.

Дури и сопствениците на мегаломански кич имоти често живеат во една или две соби, а големите сали украсени со мермер и злато ги зачувуваат за свечени пригоди. Покрај тоа, многумина изгледаат напуштено.

Одржувањето е многу скапо“, вели 72-годишник кој живее во куќа со градина. 

Тој додава дека денеска се градат сè помалку „палати“, а оние чија изградба е почната тешко дека ќе бидат завршени.

Сопственичката на една од нив, која се претставила како Лидија за тамошните медиуми, вели дека многу Роми си заминуваат:

Работите не се како порано. Луѓето отидоа во Букурешт или во странство. Сакаат да заработат пари и да останат таму“, вели таа со огорченост во нејзиниот глас надвор од нејзината импозантна врата од дворот.

РоманијаРоми