Според британскиот весник „Сан“, иранските власти наводно тајно градат нуклеарни боеви глави за проектили со дострел поголем од 3.000 километри. Сателитските снимки откриваат три локации за кои иранските лидери тврдат дека се користат како дел од вселенската иницијатива на Иран.
Понижен од неодамнешните порази на своите сојузници во Либан и Појасот Газа и ослабен со падот на сирискиот лидер Башар ал-Асад, Иран ги засили своите закани против Америка и Израел.
Според весникот, се верува дека Иран го забрзал развојот на нуклеарно оружје и гради „застрашувачки“ нуклеарни боеви глави за ракети со цврсто гориво со дострел поголем од 3.000 километри.
Иран на тој начин би можел да нападне цели во Европа, Азија и Африка поради напредните способности за боеви глави.
Италија, Украина, Судан, Индија , па дури и големи делови од Русија хипотетички би биле на линијата на огнот. Овие нуклеарни боеви глави, наводно, се развиваат на две локации, во Шахруд и Семнан, кои претходно беа назначени како локации за лансирање на вселенски ракети и сателити.
Третата локација е Сорхе Хесар, каде што исто така се спроведуваат тестови, вклучувајќи истражување за нуклеарна енергија и тестирање на подземни експлозии.
Според британскиот весник, нуклеарните ракети брзо се развиваат под будното око на иранскиот оддел за нуклеарно оружје, познат како Организација за напредно истражување и одбрана (СПНД).
Тие развиваат нуклеарни боеви глави за ракетите со цврсто гориво Гаем-100, кои се опремени со мобилни платформи за лансирање на локацијата Шахруд. Иранските ракетни дизајнери користеле севернокорејски ракети како водич за развој на ракетата Гаем-100.
Кога проектилот беше во многу рана фаза на тестирање во 2011 година, десетици ракетни експерти беа убиени во Иран.
Иран, исто така, ја користи ракетата со течно гориво Симорг за да развие нуклеарни боеви глави во Семнан . Техеран изврши три успешни лансирања на ракетата Гаем-100 во изминатите две години, со што ја зајакна неговата способност за распоредување нуклеарно оружје, јавуваат западните медиуми.
Документите за развојот на ракетната програма беа објавени од Националниот совет за отпор на Иран (NCRI) , политичка организација основана во Техеран во 1981 година, чија цел е да ја собори сегашната теократска влада во земјата.
Тие ја открија тајната програма за нуклеарно оружје на Иран во Натанц и Арак уште во 2002 година, откривајќи ги наводните тајни методи што се користеле. Нивната инсајдерска мрежа на извори сега откри уште повеќе тајни околу нуклеарните капацитети на Иран.
Се вели дека лидерите на земјата наредиле развој на нуклеарни боеви глави за проектили, а Корпусот на гардата на исламската револуција (ИРГЦ) е подготвен да тестира понапредни ракети
Гаем-105 во наредните месеци.
Тестовите на балистичките ракети
„Гаем-100“ и „Симорг“ наводно биле извршени под „маска“ на лансирање на сателити, бидејќи тамошните власти велат дека се „носачи на сателити“.
Според извештаите на западните медиуми, иранските власти наводно се обиделе да ја сокријат својата ракетна локација во Семнан под изговор дека тоа е терминал за нивната вселенска програма, попозната како „Имам Хомеини“.
Локацијата вклучува осум комплекси, во споредба со два кои постоеја во текот на 2005 година, додека шест комплекси беа додадени до 2012 година. Сателитските снимки на дел од објектот во Семнан покажуваат дека изградбата на оваа локација започнала во 2005 година.