Историска промена се случува меѓу најбогатите во светот. Оваа година, 142 илјади милионери имаат намера да се преселат, оставајќи ги зад себе луксузните станови во Лондон или имотите во Франција.
Швајцарија, САД и Обединетите Арапски Емирати сè уште успеваат да привлечат дел од богатите, но Црна Гора е најбрзорастечкиот центар во светот за милионери.
Имено, според податоците од швајцарската компанија „Хенли и партнерс“, во текот на минатата година бројот на милионери кои дошле да живеат во оваа земја се зголемил за дури 124 проценти.
Моментално, во оваа земја живеат 2.800 милионери, што е значително помалку во споредба со некои други земји. Сепак, таа ги привлекува богатите благодарение на програмата „инвестиции во замена за државјанство“, позната и како „златен пасош“. Покрај тоа, како што истакна Доминик Волек од „Хенли и партнерс“, Црна Гора станува привлечна поради близината до Западна Европа и нејзината фискална флексибилност.
„Ниските даноци на Црна Гора, со рамен данок на доход и без данок на наследство или подарок, ја направија особено привлечна за зачувување на богатството. Во комбинација со нејзиното јадранско крајбрежје, понудата на луксузни недвижности и атрактивниот медитерански начин на живот, земјата стана избор на инвеститорите“, рече Волек.
Покрај претходно споменатите, бројот на богати луѓе кои емигрирале минатата година се зголемил и во Малта, Полска, Кина, Костарика, Индија и Латвија. Од друга страна, најмногу милионери емигрирале од Велика Британија, Кина, Индија, Јужна Кореја, Русија, Бразил, Франција, Шпанија и Германија, пишува бизнис весникот „Форчун“.