Човекот на Путин пристигна во Вашингтон: „Блиску сме до дипломатско решение“

Кирил Дмитриев, специјалниот претставник на Владимир Путин за инвестиции и економска соработка, изјави во петокот вечерта дека верува оти неговата земја, САД и Украина се блиску до дипломатско решение кое треба да помогне во завршувањето на војната.

Откако пристигна во Вашингтон на разговори со американски претставници, Дмитриев за Си-Ен-Ен изјави дека средбата меѓу Доналд Трамп и Путин не е откажана, како што рече американскиот претседател, и дека двајцата лидери веројатно ќе се сретнат подоцна.

Планираниот самит беше одложен во вторник, бидејќи одбивањето на Русија да прифати моментален прекин на огнот фрли сенка врз обидот за одржување разговори. Трамп рече дека ја откажал планираната средба со Путин во Будимпешта поради недостаток на напредок во дипломатските напори за завршување на војната и чувството дека моментот е пропуштен.

Но, Дмитриев во петокот изјави: „Верувам дека Русија, САД и Украина се всушност доста блиску до дипломатско решение“. Тој не откри детали.

Европските земји работат со Украина на нов предлог за прекин на огнот по сегашните фронтовски линии, изјавија европски дипломати за Ројтерс оваа недела, во голема мера повторувајќи го она што веќе се разгледува, инсистирајќи на тоа САД да задржат централна улога.

„Големиот потег на претседателот (Володимир) Зеленски е тоа што тој веќе признава дека ова се првите линии“, рече Дмитриев.

„Знаете, неговиот претходен став беше дека Русија треба целосно да се повлече, па затоа всушност мислам дека сме доста блиску до дипломатско решение што може да се постигне.“

Трамп минатата недела објави дека тој и Путин наскоро ќе се сретнат во Унгарија за да се обидат да преговараат за крај на војната. Но, Путин не сакаше да разгледа отстапки. Русија долго време бараше Украина да се согласи да отстапи повеќе територија пред какво било примирје.

Посетата на Дмитриј на САД за долго планираниот состанок следува по неодамнешното објавување на американските санкции против двете најголеми руски нафтени компании , потег чија цел е да се изврши притисок врз Путин да ја прекине војната. И покрај тој потег, Дмитријеврече дека дијалогот меѓу Русија и САД ќе продолжи.